Третпат вештакот Зеќирија Зекири не дојде да одговара на прашањата за супервештачењето што го изработи за несреќата кај Ласкарци. Тој пред судот отсуството го оправдува со тезата дека и натаму има здравствени проблеми. Недоаѓањето на вештакот да сведочи го блокира предметот.
Роднина на еден од настраданите, пак, во судница тврдеше дека го видел вештакот пред „Мавровка“. Во оваа насока реагира и обвинителот Дарко Јакимовски, кој пред судот рече дека Зекири, кој не доаѓа на судење, одел на работа.
„Макфакс“ веќе објави дека Валдет Џафери, директорот на Бирото за судско вештачење, во кое се работеше супервештачењето за „Ласкарци“, и вештакот Зеќирија Зеќири, кој го изработи вештачењето, ги поврзува партијата ДУИ.
Директорот е претседател на разгранокот на ДУИ во Гостивар, а Зеќири е симпатизер на партијата, за што сведочат неговите фотографии на социјалните мрежи. Гостивар, пак, освен со директорот Џафери, се поврзува и со „Дурмо турс“, чиј автобус излета кај Ласкарци, при што загинаа 16 лица – бидејќи тоа е градот во кој се наоѓа седиштето на компанијата. Бирото со кое раководи Џафери е одговорно што една година се чекаше супервештачењето за „Ласкарци“, а сега, кога тоа стаса, вештакот се разболел, но не доставил документација до судот.