Утрински Весник
Македонија

Вештакот се разболел, „Ласкарци“ пак се одложи; Роднините на загинатите: Ова е смислено сценарио, судот продолжува со игрите

Aлијансата за Албанците за „Ласкарци“ и „Беса транс“: Да се стави крај на исмејувањето со жртвите и нивните семејства

Вештакот Зеќирија Зеќири, кој се потпиша зад супер вештачењето изработеното од Бирото за судски вештачења, а за случајот „Ласкарци“, не се појави на денешното рочиште.

dobivaj vesti na viber

Отсуството не го оправдал со документација, туку со зборови кажувајќи дека е болен. Обвинителот Дарко Јакимовски се сомневаше дека тоа е причината, а бурни реакции имаше и од страна на роднините и родителите на загинатите лица во сообраќајката пред четири години.

Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски, пред судот посочи дека од вселена се гледа дека ова е смислено сценарио.

„Она од што се плашевме и сомневавме денеска се реализира. Од вселената се гледа дека ова е смислено сценарио од вештите лица. Вештото лице, т.н. доктор на науки, преку ноќ се разболи, без да приложи документација и доказ до судот. Иако по закон, уредно покането лице, било кое, треба да го оправда отсуството. Судот продолжува со игрите, одолговлекување на процесот, одлагање на рочиштето. Одбраната се повикува дека и други лица можеле да вештачат, но пак ќе кажам, ова што се случува е брука и срамота за судството и останатото што се случува во процесот. На 13 февруари 2023 година се одбележува четврта година откако се случи несреќата. За пет дена се прават четири полни години. Зарем може преку ноќ да се разболи човек и без оправдување да не дојде на рочиште?“ праша Благојче Трпески, родител на Јовица Трпевски.

Следното судење е за во четврток, а родителите и роднините се надеваат дека вештакот Зеќири ќе оздрави.

Трпевски посочува: „Тој не знае на најосновни прашања да одговори“.

„Се надеваме дека вештото лице ќе биде присутно на судењето. Се сомневаме дека се прават игри. На изминатите рочишта, ова вешто лице покажа дека нема ‘благе везе’ со предметот. На најосновни прашања од Обвинителството не знае да одговори, самите бевте сведоци. Никогаш во животот немал ваков предмет за вештачење. Две години има лиценца, не знае да чита тапографски ленти. Како да веруваме дека тоа вештачење е професионално? Се купува време со недоаѓањето, а тој да не биде испрашуван“, додаде Трпевски.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска кажа дека ќе бара документација за тоа каде вештакот правел испитување. Ако вештакот Зеќирија Зеќири не дојде на наредното рочиште, ќе се испитува некој од другите вештаци потпишани на супервештачењето.

Предметот се суди четири години. Година дена се чекаше и супервештачење нарачано од судот. Имаше и реакции за начинот на кој се испитуваат вештаци односно на начинот на кој се даваат одговори. Коалицијата „Сите за правично судење“ која прави судски мониторинг реагира дека наместо одговор да дава Зеќири, во хор се објаснувало вештачењето.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!