Утрински Весник
Свет

Венецијанскиот карневал во знакот на Олимписките игри

Venecija45.jpg

Од 31 јануари до 17 февруари, Венеција повторно ќе живее во ритамот на маските, боите и карневалската магија. По темите посветени на Марко Поло и Џакомо Казанова во изминатите години, годинашното издание на еден од најпознатите карневали во светот носи нов фокус – олимпизмот. Инспирацијата доаѓа од фактот што Италија годинава е домаќин на Зимските олимписки игри, кои свечено ќе бидат отворени на 6 февруари во Милано и Кортина. Токму затоа, мотото на карневалот е „Олимп – Во зората на играта“, симболично поврзувајќи ги историјата, уметноста и спортот, како и универзалната вредност на играта и натпреварувачкиот дух. Според организаторите, темата се надоврзува и на митологијата, на хармонијата меѓу телото и духот, но и на духот на старата Венеција. Во минатите векови, карневалите не биле само место за забава, туку и простор за јавни натпревари и колективни вештини – вредности што, на симболичен начин, му претходеле на современиот олимписки идеал.

Овој настан, чии корени датираат уште од 12 век, така добива и историска димензија. Карневалската програма започнува утре напладне со деветтото издание на големиот уличен спектакл – прослава на циркуската уметност, акробации, жонглирање, игри, спортски активности и паради. Настаните ќе се одржуваат на главните плоштади во Венеција, во центарот на Местре, на островите во венециската лагуна, како и во други градови низ регионот Венето. Премиерниот настап ќе биде повторен во недела, 1 февруари, а програмата продолжува на 7 и 8 февруари, потоа на 12 февруари, па секојдневно сè до 17 февруари. Во рамки на уличниот карневал ќе настапат повеќе од 350 уметници и 80 различни трупи, со речиси 1.000 изведби. Организаторите велат дека токму затоа, годинашниот карневал ќе прерасне во вистинска олимпијада на забавата.

Можете да прочитате

Епидемија на мали сипаници се шири во САД

EK отпушти висок функционер поради „примање подароци“ од Катар

СЗО бара повисоки даноци на зашеќерени и алкохолни пијалоци