Министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски денеска во рамки на теренските активности ги посети Центрите за социјална работа во Кратово и Крива Паланка, Дневниот центар за лица со посебни потреби во Кратово и Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во Крива Паланка.
Затекнатите проблеми како во Центрите за социјална работа во Македонија, така и во центрите за грижа на стари лица и лица со посебни потреби се исти, недостаток на стручен кадар, неинвестирање во просторните капацитети и лоши услови за работа на вработените. Ова беа дел од работите коишто беа посочени и за време на работната средба со вработените во центарите во Кратово и во Крива Паланка.
„Во изминатиот период посетивме повеќе центри во градовите низ Македонија, правиме увид на моменталната состојба, разговараме со сите вработени и одговорни лица бидејќи е важно да ги слушнам проблемите со кои што тие се соочуваат во процесот на работа и како да ги надминеме истите преку реални, брзи и ефективни системски решенија на кои ќе настапиме веднаш по завршување на изборите на 8 мај. Недостатокот од стручен кадар поради неможноста да се лиценцираат е сериозен проблем, а и оној стручен кадар којшто го имаме ги напуштале работните места поради лошите услови и непродуктивните реформи во изминатите неколку години. Ова ќе го промениме. Ќе обезбедиме достојни услови за работа и задоволување на постоечките капацитети со нов кадар”, порача министерот Велковски.