Утрински Весник
Македонија

Вечерва гледајте во небото – Ќе има феномен кој го нема повеќе од една деценија

3476.jpg

Вечерва ќе имаме можност да сведочиме на феномен кој кај нас не бил видлив повеќе од една деценија – целосно затемнување на Месечината.

Изминативе неколку години имало целосни лунарни еклипси, но, за жал, поради положбата на Месечината, за нас во Македонија не беа видливи.


Па последен пат, целосното затемнување на Месечината беше видливо од Македонија во 2011 година.

Што претставува затемнувањето на Месечината?
Како што постои затемнување на Сонцето (соларна еклипса), постои и затемнување на Месечината, познато и како лунарна еклипса.

Овој феномен настанува кога Земјата поминува точно помеѓу Сонцето и Месечината.

Па, Земјата прави сенка врз нашиот сателит и го затемнува.

Постојат неколку видови затемнување на Месечината.

Целосното затемнување настанува кога Месечината целосно е во сенката на Земјата.

Но, Месечината не станува потполно црна, бидејќи дел од сончевата светлина сепак минува низ атмосферата на Земјата.

Во овој случај, светлината со сина и виолетова боја полесно се распрснува бидејќи има пократка бранова должина.

Па, до месечината допира светлината со подолга бранова должина, односно зраците со црвена и портокалова боја.

Поради ова, за време на целосно затемнување, Месечината има црвено-портокалова нијанса, па феноменот се нарекува и „крвава Месечина“.

Делумното затемнување настанува кога Земјата прави делумна сенка на Месечината. И ова затемнување е видливо – како сенка која само поминува врз Месечината, без целосно да ја затемни.

Најмалку видлива е таканаречената пенумбрална еклипса. Во овој случај, Земјата засенува многу мал дел од Месечината па ако не гледате внимателно, сосема возможно е и да го пропуштите настанот.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-03.jpg

Кога ќе се случи затемнувањето годинава?
Годинешното затемнување на Месечината ќе се случи вечерва, 7-ми септември.

Месечината ќе изгрее во 18:54 часот – овој период ќе биде многу ниско на хоризонтот и нема да биде многу видлива.

Но, веќе во 19:30 часот, Месечината ќе се искачи погоре, а ќе почне и затемнувањето кое ќе биде целосно. Односно Месечината ќе има црвено-портокалова нијанса.

Пикот на еклипсата ќе биде достигнат во 20:11 часот и ќе трае до 20:52 часот.

Уште околу еден час ќе може да се набљудува делумно затемнување на месечината, односно до 21:56 часот.

Затемнувањето ќе биде видливо во цела Европа, што значи може да уживате дури и ако сте на одмор на некоја европска дестинација.

kako-da-go-gledate-vecherashnoto-celosno-zatemnuvanje-na-mesechinata-04.JPG

Како да го набљудувате?
За разлика од затемнувањето на Сонцето кое може да го оштети видот, лунарната еклипса е безбедно да ја гледате без никаква заштита.

Бидејќи Месечината е светла, ќе можете да го набљудувате феноменот и ако сте во град, но за најдобар поглед, препорачливо е да отидете на неосветлено место.

Ако сте како повеќето, претпоставуваме дека немате телескоп, но во овој случај може да ви послужи и обичен двоглед.

Времето се очекува да биде ведро, што значи може да се подготвите за уникатно астрономско шоу.

Можете да прочитате

Пожарот над скопски Раштак ставен под контрола, нема опасност по објектите

Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“, увидот не е почнат, траат активностите за обезбедување на локацијата

Пожар над селото Раштак, во гаснењето вклучени два ер трактора и полициски хеликоптер