Утрински Весник
Македонија

Вејсели: Цените растат, ДУИ со предлог мерки за заштита на семејствата

20260311111254 big 730x400 41.webp.webp

Прес конференција на Синан Вејсели од ДУИ:

Животниот стандард на семејствата во државата секојдневно се влошува поради растот на цените и поради отсуството на институционална реакција. Наместо да се преземат мерки за заштита на граѓаните, Владата и Министерството за економија, предводено од претставници на ВЛЕН, покажуваат целосен недостаток на интерес и капацитет за справување со оваа состојба.


ДУИ предложи јасна мерка – зголемување на минималната плата и линеарно зголемување на останатите плати, како најправеден начин за заштита на животниот стандард на граѓаните. Овој предлог не беше прифатен. Како резултат, илјадници семејства денес се соочуваат со сè повисоки цени, додека нивните приходи остануваат исти.

Состојбата станува уште потешка во овој период кога семејствата имаат зголемени трошоци. Се наоѓаме во месецот Рамазан и пред празниците Бајрам и Велигден, период кога на граѓаните им е повеќе од потребна ценовна стабилност и поддршка од институциите. За жал, Министерството за економија се однесува како оваа криза воопшто да не постои.

ДУИ не останува само на критика. Ние предлагаме конкретни мерки што можат веднаш да се применат за да се олесни товарот врз семејствата.

Прво, да се воведат максимални цени за основните прехранбени производи или да се утврдат ограничени трговски маржи, со цел да се спречат злоупотреби со цените.

Второ, минималната плата да се зголеми за најмалку 3500 денари, почнувајќи од месец март, наместо симболичното зголемување од 1600 денари што е предвидено во моментот.

Трето, привремено да се намали ДДВ-то за основните прехранбени производи за период од три месеци, со цел веднаш да се намалат цените на пазарот.

Четврто, да се направи ревизија на царинските податоци за увозот на овошје и зеленчук, имајќи предвид дека земјата во голема мера зависи од увоз и дека евентуалните манипулации во овој сектор директно влијаат врз цените за граѓаните.

Петто, да се зголемат контролите од надлежните инспекторати на пазарот со цел да се спречат шпекулации и злоупотреби со цените.

Воедно, апелираме до Регулаторната комисија за енергетика почесто да ги разгледува цените на нафтените деривати, најмалку двапати неделно, имајќи предвид дека на меѓународните берзи веќе има значително намалување на цените. Секое доцнење во рефлектирањето на овие промени на домашниот пазар претставува дополнителен товар за граѓаните и за бизнисите.

Граѓаните имаат потреба од конкретни мерки, а не од институционална тишина. Владата треба веднаш да преземе чекори за заштита на животниот стандард на семејствата.

Можете да прочитате

Одржано редовно годишно собрание на МАНУ

Кузеска: ВМРО ги излажа граѓаните и за платите и за акцизите за гориво

ССМ со повик за масовен протест на 14 март: Платите мора да се зголемат