
Папата Франциско, кој пред осум дена беше хоспитализиран поради пневмонија, „се одмори добро“, соопшти Ватикан, иако се уште постои загриженост за неговото здравје.
„Папата Франциско добро се одмори“, се вели во соопштението на Ватикан, откако еден од неговите лекари, професорот Серхио Алфиери, одговори негативно на новинарско прашање дали папата е надвор од животна опасност на брифингот за новинарите одржан во петокот во болницата Гемели во Рим.
Тој објасни дека „во случаи како овој, постои ризик патогени да влезат во крвотокот и да предизвикаат потенцијално фатална сепса“.
Токму затоа, превентивно, и покрај тоа што е „малку подобро“ и не е приклучен на ниту една машина, оправдано е да го задржат во болница „барем цела наредна недела“, рече тој пред толпата новинари. Тој додаде дека „ќе бидат потребни денови, па дури и недели за да се види ефективноста на терапијата што се применува“.
Папата ги прима своите најблиски соработници во болницата, чита, потпишува документи и телефонира.
Франциско беше хоспитализиран на 14 февруари, првично поради бронхитис, но Светата столица во вторникот откри дека тој развил пневмонија на двете белодробни крила.
Неговата хоспитализација, четврта од 2021 година, предизвикува сериозна загриженост бидејќи папата е веќе ослабен поради низа здравствени проблеми што ги имаше во последниве години.