
Пензионираниот полковник и поранешен шеф на военото разузнавање Горан Василевски во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk оцени дека е речиси невозможно со сигурност да се утврди до каде е развиен воениот капацитет на Иран, особено кога станува збор за евентуално нуклеарно оружје.
Според Василевски, иранската нуклеарна програма не е нов феномен, ниту закана што се појавила преку ноќ, туку процес со длабока историска генеза.
„Нуклеарната програма во Иран започнува уште во 50-тите години од минатиот век. Во тој период, токму со американска помош Иран почна да ја развива програмата“, истакна Василевски.
Тој потсети дека по политичките пресврти, односно по соборувањето на шахот Мохамед Реза Пахлави и по Иранска револуција во 1979 година, кога на власт доаѓа Рухолах Хомеини, западната поддршка престанува. Во тој период, Иран постепено се свртува кон стратешка соработка со Русија и Пакистан.
На прашањето дали Иран навистина поседува нуклеарна бомба, Василевски нагласи дека таквите информации се најстрого чувани државни тајни.
„Многу е тешко да се каже до каде се стасани. Тоа се строго чувани тајни. На пример, за Израел официјално се тврди дека нема нуклеарен арсенал, додека бројни извори посочуваат дека располага со значителни капацитети. Не може со сигурност да се тврди“, рече тој.
Василевски потсети и на улогата на Меѓународна агенција за атомска енергија, која со години вршеше контроли и официјално утврдуваше дека програмата се развива за цивилни, а не за воени цели. Сепак, во услови на актуелни тензии и напади во регионот, дилемите околу вистинската намена на овие капацитети повторно се отвораат.


