Утрински Весник
Свет

Ванг: Решение за војната во Украина е прекин на огнот, преговори и воздржување од санкции

20240925080610 Big 730x400 94.webp.webp

Позицијата на Кина во однос на решението за конфликтот во Украина и натаму е веднаш да се воспостави прекин на огнот и да се седне на преговарачка маса, како и западните земји да се воздржат од санкции и економски притисок врз една од страните во конфликтот, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

„Сите страни треба да му дадат приоритет на мирот и да бидат вистински посветени на промоција на мировните преговори“, рече шефот на кинеската дипломатија за време на состанокот на Советот за безбедност на ОН.

Во овој контекст, тој изјави дека е неопходно да се запрат воените конфликти за да се спречи проширување на воената зона. Тој, исто така, се осврна на недозволивоста за користење нуклеарно оружје и оштетување нуклеарни објекти, како што се нуклеарните централи.

„Колку повеќе оружје се насочува во воената зона, толку е потешко да се постигне прекин на огнот“, рече кинескиот министер и ја нагласи потребата од итен дијалог и преговори како „единствен остварлив начин“ за решавање на „украинската криза“.

„Во спротивно, кризата само ќе се влошува“, истакна Ванг.

Тој додаде дека е неопходно „да се воздржиме од прелевање на кризата“ врз светската економија и укажа на потребата западните земји да се воздржат од санкции и блокирање на одредени области на светската трговија, бидејќи, како што оцени, ова „го загрозува одржливиот развој – една од целите на ОН“.

Тој исто така нагласи дека позицијата на Кина за ситуацијата во Украина останува конзистентна.

„Мора да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји. Мора да се исполнат целите и принципите на Повелбата на ОН. Легитимните безбедносни грижи на сите земји мора да се сфатат сериозно, а исто така е важно да се поддржат сите иницијативи кои имаат за цел решавање на оваа криза“, заклучи Ванг.

Можете да прочитате

Зеленски верува дека војната ќе заврши во 2025 година

Путин потпиша закон за отпис на кредитни долгови за учесниците во специјалната воена операција

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме