Утрински Весник
Македонија

Вајц: Потребен е итен напредок во уставните измени

Tomas Waitz.jpg

Од суштинско значење за евроинтеграцијата на државата, особено во контекст на новата геополитичка реалност, е сите политички актери, особено Владата, да даваат опипливи резултати во клучните области, а во исто време ЕУ и нејзините држави членки мора ги исполнат своите обврски, целосно да ја поддржат земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман, за да ѝ помогнат да напредува во исполнувањето на сопствените обврски – нагласува известувачот на Европскиот парламент за Македонија, европратеникот Томас Вајц, во годишниот нацрт-извештај за напредокот на државата, кој следната недела на 26 февруари ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).

Ова ќе биде втор извештај за земјата од 2022 година по тој минатата година, кој беше усвоен од ЕП. Вајц во појаснувачката изјава во нацрт-извештајот нагласува дека оваа година има чест да го презентира својот втор извештај за Северна Македонија и додава дека документот има цел да обезбеди балансирана и објективна оценка на напредокот на земјата во процесот на пристапување и во согласност со воспоставената пракса се подготвува како одговор на пакетот за проширување на ЕК за 2025 година.

– Северна Македонија моментно се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено во клучни области, како владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостигот на долгорочна политичка посветеност – вели Вајц.

Тој посочува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Смета дека е потребно и итно зголемување на политичката волја од двете страни за да се надмине овој ќор-сокак.

Вајц нагласува дека во време на големи промени во меѓународниот поредок, особено поради војната на Русија против Украина, ненадејната неизвесност во врска со иднината на трансатлантската алијанса и пошироките закани за меѓународниот поредок базиран на правила, од суштинско значење е Европа да остане обединета.

– Во овој геополитички контекст може да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување. Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области, без понатамошно одлагање – нагласи Вајц.

Можете да прочитате

Левица: ДКСК извршила директна дискриминација врз пратеникот Апасиев 

Битолчанец ја нападнал својата вереница

СДСМ: Портпаролката на Владата потврди дека Мицкоски управува со судовите