
Ваљбон Лимани од вечерва е официјално кандидат за градоначалник на општина Гостивар на повторните избори. Кандидатурата ја поднесе до Општинската изборна комисија, придружуван од поддржувачи и коалициски партнери од Националната алијанса за интеграција.
На новинарско прашање за исходот од изборите, Лимани рече дека ќе победи, но дека треба да се почека до 11 јануари кога граѓаните ќе ја изразат својата волја. За кампањата, Лимани најави директни средби со граѓаните по населбите, додавајќи дека програмата од 19 октомври веќе е позната
. – Освен за програмата, со нашите сограѓани ќе разговараме и за сè што се случувало во овој период, изјави Лимани по предавањето на кандидатурата.
Кандидатурата на Лимани е првата и засега единствена. Рокот за поднесување кандидатури истекува утре на полноќ. Во првиот круг на локалните избори во октомври, Лимани не успеа да победи за само 23 гласа. До неодамна тој беше вршител на должноста градоначалник.

