
Тешка семејна трагедија го потресе швајцарскиот град Живисие во саботата, кога 30-годишна Македонка и нејзиното шестнеделно бебе беа брутално убиени од нејзиниот сопруг, 43-годишен маж со потекло од Охрид, кој во Швајцарија престојувал со бугарски пасош, пренесуваат швајцарските и македонските медиуми.

Како што објави швајцарскиот портал „20min.ch“, околу 16:45 часот во саботата, Кантоналната полиција во Фрајбур добила пријава дека во семеен стан се пронајдени тела на жена и бебе. Истите биле прогласени за мртви на лице место. Осомничениот сопруг, кој исто така се наоѓал во станот, наводно се обидел да си го одземе животот, при што се здобил со полесни телесни повреди и бил пренесен во болница под полициска придружба.
Јавното обвинителство на кантонот Фрајбур отвори истрага за двојно убиство со умисла. Од првичните информации се дознава дека осомничениот А.Т. го признал убиството на сопругата. Телата на М.Т., родена во 1995 година, и нивното бебе Д.Т., родено годинава, биле пронајдени во станот во кој живееле.
Од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија ја потврдија информацијата и информираа дека македонската амбасада во Берн била известена од швајцарските органи на 5 јули во 17:00 часот за случајот. Според податоците, сите три лица – мајката, бебето и таткото – биле пронајдени во станот, а само таткото го преживеал инцидентот.
МНР истакнува дека А.Т., роден во 1982 година, иако пријавен како бугарски државјанин во Швајцарија, има македонско потекло. Амбасадата во Берн е во континуирана комуникација со швајцарските власти и со блиски роднини на жртвите, и ќе продолжи да обезбедува поддршка согласно своите надлежности.
Овој ужасен настан повторно ја отвора темата за семејното насилство и потребата од превенција, поддршка и заштита на жртвите, без разлика на нивната националност или државен статус.