Утрински Весник
Македонија

Утре лидерска средба во Клубот на пратениците: СДСМ одбива, Левица и ВЛЕН потврдија учество

Klub na pratenici liderska.jpg

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, утре во Клубот на пратениците ќе одржи лидерска средба со претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието.

Од опозициските партии, засега учество на средбата потврди само Левица. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот за лидерска средба посветена на укинување на техничката влада, обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени парламентарни избори“. Од Демократската унија за интеграција (ДУИ) информираат дека денеска попладне, на седница на Генералниот совет на партијата, ќе донесат одлука дали нејзиниот лидер Али Ахмети ќе присуствува на состанокот.

Од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, присуството на утрешната средба го потврдија од коалицијата ВЛЕН, која ќе биде претставена од еден од нејзините лидери – тетовскиот градоначалник Биљал Касами.

Од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ја поздравија иницијативата за лидерска средба, оценувајќи ја како можност сите релевантни политички фактори да покажат одговорност кон државата и граѓаните.

Поддршка за одржување на лидерската средба изразија и Либерално-демократската партија и Демократската обнова на Македонија (ДОМ).

На средбата, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони во правосудството, за изборот на народен правобранител, за измените на Изборниот законик и за укинување на техничката влада, како и за други прашања што ќе бидат предложени од учесниците на состанокот.

Можете да прочитате

СДСМ: Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане 

Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН

ОЈО со детали за убиството во Богданци: Ножот се скршил, нападот продолжил со ножици