Утрински Весник
Македонија

Љутков во Љубљана и Крањ: Македонската култура и јазик живеат во Словенија благодарение на трајните пријателства

Prisustvo Na Bogosluzhba Zaedno So Slovenechkata Ministerka Za Digitalna Transformaci A 1.jpg

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, во рамките на работната посета на Словенија, вчеравечер во Витешката сала во Љубљана се обрати на промоцијата на книгата „Златен круг на времето” од македонскиот поетски великан, Ацо Шопов. Станува збор за луксузно издание, на македонски и на словенечки јазик, илустрирано од реномираниот уметник Боге Димовски, кое ги обединува сите препејувачи кои во текот на последниве шест децении го препејувале Шопов на словенечки јазик.

„Горди сме на поединците од македонската културна средина како што  е Ацо Шопов. Токму поради ваквите личности, во светот моќно одекнаа силината и убавината на македонскиот поетски збор”, истакна пред присутните министерот Љутков, потсетувајќи дека македонската култура, 2023 година ја чествуваше како „Година на Шопов”, а јубилејот, еден век од неговото раѓање, беше одбележан и во УНЕСКО.

На промоцијата, меѓу присутните гости беа и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски, македонскиот амбасадор во Словенија, Горан Милевски, претседателот на Сојузот на македонските културни друштва во Словенија, Бранислав Тасков, кои ја издадоа книгата, претставници на македонската дијаспора, професори, преведувачи и други личности од јавниот живот на Словенија.

Министерот Љутков упати благодарност до Сојузот на македонските културни друштва во Словенија за нивните заложби за промоција на македонската култура, до многубројните преведувачи, меѓу кои е и професорката по македонски јазик, книжевност и култура на Филолошкиот факултет во Љубљана, Намита Субиото, која е авторка на предговорот на оваа книга.
„Личностите како нив, кои се врвни професори и преведувачи на македонски јазик, се големо богатство за нас бидејќи сите тие се наши културни амбасадори. Македонската култура и македонскиот јазик живеат надвор од својата татковина благодарение на овие трајни пријателства и врски и ве уверувам дека и понатаму ќе работиме за тие да се унапредуваат и да се развиваат”, нагласи министерот Љутков.

Во рамките на својата работна посета на Словенија, во петокот вечерта во просториите на Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј” во Крањ, министерот Љутков ја отвори и 8. јубилејна ликовна изложба на академскиот сликар и графичар, еден од најголемите во Словенија, Боге Димовски.

Македонскиот министер за култура и туризам ја поздрави посветеноста на Димовски во развојот на македонско-словенечката ликовна соработка, анимирањето на младите преку детската ликовна колонија, неговата теоретска и педагошка работа и активното и влијателно 50-годишно творештво.
„Сево ова говори за човек и уметник со визија, со уметнички и општествен ангажман што создава трајни врски меѓу неговата родна Татковина и државата која е неговиот дом”, рече министерот Љутков во Крањ, додавајќи дека само со посветеност и љубов, словенечката и македонската култура се интегрираат, отвораат можности за соработка во туризмот и во другите сфери, создаваат нераскинливи врски кои се белег на одличната билатерална соработка.

Македонскиот министер за култура и туризам во текот на вчерашниот ден во Љубљана, заедно со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова-Дух присуствуваше на богослужба во македонската црква „Св. Климент Охридски” во Љубљана.

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер