Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, синоќа на свеченото отворање на 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“ истакна дека оваа престижна манифестација, благодарение на ентузијазмот и креативноста на генерациите македонски поети, но и на присуството на најголемите светски автори, се етаблираше како најголем промотор на македонската и на современата светска поезија.
„Струшките поетски вечери сведочат за културните вредности што се создаваат на македонските простори и на светските меридијани, тие се динамична и жива антологија на светската поезија“, рече министерот Љутков, нагласувајќи дека оваа манифестација има глобално значење, почитувана е и верификувана од светската културна јавност.
„Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, Струшките вечери на поезијата ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме“, истакна министерот за култура и туризам во своето обраќање пред присутните.
Изразувајќи задоволство што оваа година на плејадата поети добитници на престижното признание лауреат на „Струшките вечери на поезијата“ ѝ се придружува и добитникот на Златниот венец на поезијата за 2024 година, големиот Жан-Пјер Симеон, министерот Љутков потенцира дека за нас е голема чест што тој е вечерва со нас и што Струга и Македонија ќе бидат негов поттик и инспирација за многу нови стихови, како слики и пејзажи од ова големо срце на Балканот.
„Над шест децении познатата песна ’Т’га за југ‘ од корифејот на македонската уметничка поезија, Константин Миладинов, е светска химна за топлината внатре, во духот на човекот и различните цивилизации“, рече Љутков, кој посака многу успешни изданија на меѓународната манифестација „Струшки вечери на поезијата“ и најави дека Министерството за култура и туризам, со поддршка од македонската Влада, ќе продолжи да ги промовира универзалните цивилизациски и културни вредности.
„Ќе останеме доследни на заложбите заеднички да ги прославуваме неодминливите успеси на овој фестивал со космополитски и универзален концепт, да градиме нераскинливи културни врски меѓу народите и да ја негуваме традицијата на обединување на светот низ поетскиот збор“, нагласи министерот Љутков.
Во рамките на церемонијата на свеченото отворање, во големата сала на Центарот за култура во Струга настапи нашиот познат пијанист Дино Имери, а истакнатиот поет Веле Смилевски прочита поетска порака. На традиционалното поетско читање „Меридијани“ свои стихови прочитаа: добитникот на Златниот венец, истакнатиот француски поет и драматург Жан-Пјер Симеон; добитничката на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевна теоретичарка Катица Ќулавкова; добитничката на наградата „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, и други странски и домашни поети. Мотото на годинашниот фестивал е „Допир на убавината“, со кое, меѓу другото, се оддава почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите, преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо, преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата