
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Тони Коњановски, денеска во Битола присуствуваше на отпочнување на реализација на капиталниот проект за реконструкција и адаптација, на поранешното кино Партизан.
Љутков истакна дека проектот, вреден 96 милиони денари, претставува прв сериозен чекор кон новата културна иднина на градот.
„Како што ветив и при мојата неодамнешна посета, денес, во Битоа започнуваме со реализација на капиталниот проект за реконструкција и адаптација, на поранешното кино Партизан вреден 96 милиони денари. Изведувач е битолската компанија „БВ Инженеринг ДООЕЛ”, а надзор врши „ЗИМ” од Скопје. Реализацијата на проектот е предвидена до крајот на 2026 година.”, рече министерот Љутков.
Министерот Љутков истакна дека затекнал нереализирани и закочени проекти, поради што Министерството посветено и системски работело на на откочување на наследените проекти, на нивна правна и финансиска консолидација и, пред сè, на создавање реални услови за нивна вистинска реализација.
„Во изминатиот период посветено, одговорно, фокусирано и системски работевме на откочување на наследените проекти, на нивна правна и финансиска консолидација и, пред сè, на создавање реални услови за нивна вистинска реализација. Затоа ова не е обичен проект. Ова е доказ дека кога има волја – има резултати”, рече Љутков.