Утрински Весник
Македонија

Љутков: Цените на билетите ги одредуваат националните установи

20260129170912 big 730x400 16.webp.webp

Министерството за култура и туризам своите обврски си ги завршува во предвидениот законски рок. Навреме до Собранието ја има доставено одлуката и за наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, истакна ресорниот министер Зоран Љутков одговарајќи на пратеничко прашање на Соња Мираковска од СДСМ за недоделувањето на оваа награда за 2025 година.

Тој појасни дека причина за доцнењето било тоа што Собранието немало избрано одбор за доделување на наградата, на што Мираковска му укажа дека собраниската Комисија за избори и именувања донела одлука за разрешување на стариот и за именување нов одбор за доделување на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“.

Во однос на зголемувањето на цената на билетите во некои национални установи, Љутков истакна дека раководителите на институциите сами управуваат со своите буџети и ја определуваат цената.

– Цената на билетите ја одредува самата установа со одлука на управен одбор во зависност од тоа за каква продукција се работи. Бидејќи поголем дел, речиси 18 национални установи добија делегиран буџет, на тој начин им се дава автономна можност на раководителите на овие установи да ги покажат своите менаџерски способности да може да управуваат со своите буџети и да ја определуваат цената на билетите – рече Љутков. 

Тој појасни дека цената на билетите не е зголемена за сите проекти, туку во зависност од квалитетот на продукцијата.

– Не на сите проекти им е зголемена сумата на билетите. Понатаму, како оди во текот на периодот во изведбите, сумата се намалува. Но, се зголемени и трошоците, се разбира дека и проектите што ги продуцираме сега. Ако на времето се правеле со четири стола или немале буквално еден денар за да направат продукција, денес имаме продукции што се апсолутно скапи, големи и кои се достојни да може публиката да ги види, што значи дека ние вложуваме во квалитетот на продукциите. Од таа причина некаде се зголемени цените на билетите – рече Љутков.

Потсети дека некои од институциите определуваат посебна цена за ученици, студенти, пензионери, како и дека буџетот на националните установи им е зголемен некаде и за 100 проценти. 

Можете да прочитате

Стоилковиќ: Тој што прима плата, мора и да оди на работа

Јаневска: Ред во образованието ќе ставиме со едносменска настава и продолжен престој во училиште

Николоски за изградените два километри од автопатот Скопје-Блаце: Очекувам новиот обвинител да отвори истрага