Утрински Весник
Македонија

Усвоени измените на Законот за здравствената заштита, се укинуваат економските директори

Vmro Napusta Sobranie.jpg

– Со 71 глас „за“ и еден „против“ пратениците денеска го донесоа Законот за изменување на Законот за здравствената заштита, со кој се укинуваат економските директори. На денешната седница беше усвоен и Законот за прогласување на Охридско Езеро за споменик на природата, како и Законот за прогласување на Kањон Матка за споменик на природата.

Пратеникот Петар Марков од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со Закон за изменување на Законот за здравствената заштита се кратат непродуктивни трошоци и се поставуваат принципи кои ги надминуваат теснопартиските интереси, кои значат подобрување на руинираниот здравствен систем во државата.

Како што посочи, институциите ќе бидат раководени од само еден директор одговорен за работењето на установата, како и за законитоста на работењето.

-Со овој Закон се лоцира одговорноста и се укинува дуализмот во одлучувањето, за да може здравствениот систем да преживее. Мора од некаде да се почне, но и покрај овој Закон, во здравството треба да се спроведат тешки и болни реформи, кои ќе значат подобри услови за третман на пациентите. Со ова се укинуваат 40 раководни позиции кои чинат повеќе од два милиони евра директни и идиректни трошоци. Овие средства можат да се насочат за решавање на потреби на пациентите и здравствените работници, рече Марков.

Тој додаде дека дури и СДСМ увиде оти постои проблем со назначување на двојни директори, па во нивната изборна програма напишаа дека ќе ги укинат економските директори.

-Клучно за нерешавање на овој проблем беше владеењето на ДУИ со СДСМ. Одлуката на ВМРО-ДПМНЕ е дека нема простор за преговарање на сметка на придобивките на пациентите. Ова не смеат да бидат единствени измени, потребни се многу повеќе измени во здравствениот сектор. Време е да почне да се гради здравствен систем кој ќе биде ориентиран кон реалните потреби на граѓаните, додаде Марков.

Говорејќи за овој Закон, пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците на седницата потенцираше дека целта е да се намалува онаму каде што во најголем број се Албанци, посочувајќи дека бројот на министрите во новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ е зголемен од 16 на 23.

-Доколку не би биле главно Албанци, дали тогаш законот ќе биде сменет? Во новата Влада бројот на министрите е зголемен од 16 на 23. За вашите позиции го зголемивте бројот на министри, а намалувате таму каде што главно се Албанци, рече Даути.

Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица во своето излагање потенцираше дека апсолутно даваат поддршка во носењето на овој Закон.

-Апсолутно ќе го поддржиме носењето на овој Закон. Ова е мала интервенција во морето на проблематични околности во здравствениот систем, особено во јавното здравство кое е целосно девалвирано, рече Мециновиќ.

На денешната седница беа усвоени повеќе закони. Пратениците го донесоа Законот за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, а го донесоа и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Исто така, по скратена постапка беа донесени изменувањата на Законот за превоз во патниот сообраќај, на Законот за дивечот и ловството, како и изменувањата и дополнувањата на Законот за спортот.

Можете да прочитате

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија

Нема да се гради асфалтна база во Визбегово, вели Меџити

Каранфилова – Пановска: Се надевам дека мојот ангажман ќе биде од голема помош