
На одлуката на Владата да не ја прифати листата од тројца кандидати за судии од Стразбур, која пред повеќе од два месеца ја изготви комисија формирана токму од неа и да се формира нова комисија која ќе направи нов избор, реагира и уставниот судија Осман Кадриу, кој беше член на Комисијата која го вршеше изборот.

Тој смета дека не може да стане збор за „неисполнувањето на предвидените услови“ како причина поради кој Владата одлучила да ја отфрли листата изработена од комисијата во која тој бил членувал. Кандидатите Јордан Апостолски, Ленче Ристоска и Габриела Гајдова ги исполнуваат сите услови а при одлучувањето за нив, Кадриу во изјава за ТВ Телма укажува дека „се воделе од принципите на стручноста и моралноста на пријавените“.
„За да имаме квалитетен избор, ние одлучивме, по мој предлог, и во Деловникот се вгради одредба предложените, односно избраните кандидати од страна на Комисијата треба да добијат минимум двотретинско мнозинство. Значи од 9 членови колку што броеше Комисијата требаше 6 гласа да добијат. Тие тројца што се предложени од Комисијата се избрани со двотретинско мнозинство, сметајќи дека ги исполнуваат условите“, вели Кадриу.
Инаку Владата на седницата одржана на 22 јули решила да формира нова Комисија за избор на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Наместо досегашните девет члена, во новата Комисија за избор има пет члена – претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани, в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје Бесник Авдија и Ирина Трајкоска Стрезоски, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.
Кандидатките Ленче Ристоска и Габриела Гајдова денеска побараа од Владата јавно да соопшти зошто донела одлука со која утврдила дека не ги исполнуваат предвидените услови.
Обвинителката Ристоска информира дека Советот на Европа има пропишано правила за фазите низ кои поминува постапката на предлагање на судија во Европскиот суд за човекови права и најави дека доколку дојде до нарушување на овие правила, за тоа официјално ќе го извести Совет на Европа.