Уставниот суд донесе одлука со која се укинува делот „националност” во Законот за матичната евиденција, соопшти прес-службата на Судот. Впишување националност го воведе министерот за правда Кренар Лога кој во мај минатата година објави упатство за матичните служби врз основа на Закон од 1995 година. Уставниот суд на 5 јуни 2023 година донесе одлука со која привремено го стави надвор од употреба упатството на министерот, со кое се издава извод на родени во кој има графа за етничка припадност. Со денешната одлука, целосно се укинува оваа графа. Уставните судии ја донесоа оваа одлука во рамките на предметот оформен по иницијативата поднесена од политичка партија Левица. -Оспорените делови на одредбите од Законот за матичната евиденција, за изјаснување на граѓаните за сопствената национална идентификација, без можност за избор да се изјаснат или не, но и да го променат изјаснувањето, неспорно навлегува и во сферата на човековата приватност и личен живот, со што и од овој аспект Судот оцени за согласноста на оспорените делови од законските одредби со член 25 од Уставот, се наведува во образложението од Уставниот суд.