Утрински Весник
Македонија

Уставен суд ќе ја оценува уставноста на измените на Законот за облигационите односи и на Законот за платите на јавните обвинители

Ustaven Sud.webp.webp

Уставниот суд денеска треба да одлучува по седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и едно барање за заштита на слободи и права помеѓу кои се и Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи и Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители.

Според подносителот на иницијативата за Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи, новите измени ги ограничуваат доверителите да го остварат побарувањето утврдено со правосилен поединечен акт на суд или друг орган, односно да го наплатат долгот по присилен пат, што, според него, е спротивно на член 30 став 3 од Уставот, член 17 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 1 од Протоколот на Европската Конвенција за човековите права.

Во однос на член 4, кој се однесува на започнатите постапки за наплата на побарувањата, подносителот смета дека тие ќе завршат согласно овој закон, а подносителот наведува дека тоа ќе предизвика нееднаквост помеѓу доверителите, пред и по влегувањето во сила на Законот.

Според втората иницијатива за истиот закон, подносителот смета дека со примената на изменетото законско решение од 368 од Законот за облигациони односи, одредени правни и физички лица (доверители) ќе бидат ставени во нееднаква и нерамноправна положба што ќе предизвика нивна дискриминација за сметка на други правни и физички лица (должници) кои ќе бидат ставени во поповолна положба.

Наведено е дека оваа одредба ќе предизвика последици не само на правната држава, туку и други области како економијата, банкарството, финансискиот систем, странските инвестиции и измените кои се оспорени директно влијаат на финансиската дисциплина во државата.

На денешната седница ќе се решава и по иницијативата во која е оспорен Закон за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, каде подносител е Здружение на јавните обвинители на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата со донесените законски измени се интервенира во платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавни обвинители на начин што се намалува коефициентот за утврдување на платата, а со самото тоа се намалува и висината на платата ако се земе предвид дека основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Се наведува дека вака донесените законски измени претставуваат директна, законски забранета интервенција во платите која ќе резултира со намалување на платите со што се доведува во прашање уставно востановениот систем на поделба на власта, владеењето на правото и уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство.

Според подносителот, оспорените законски измени не се во согласност со Уставот кој забранува повратно дејство на законите и другите прописи имајќи во предвид дека во оспорените закони е пропишано дека коефициентите за утврдување на платите ќе започнат да се применуваат со исплатата на платата за месец февруари 2024 година, а од друга страна и во двата закони е пропишано дека влегуваат во сила со денот на објавување во Службен весник.

На 19. седницата ќе се расправа и за иницијативи во кои се оспорени Член 273 став 10 и 11 од Кривичниот законик, Член 49 во дел „освен членот 8 во делот кој се однесува на заштита на жртвите од казниви дела и заштита на жртви од трговија со луѓе“ од Законот за бесплатна правна помош, Член 38 став 2 во дел „Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис“ од Законот за општата управна постапка, Правилникот за постапката за донесување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденција на доставените колективните договори и нивните измени, Член 4 став 1 точка 3, член 5, член 13 и член 14 од Правилникот за начин и постапка за добивање на уверение за сметководител и овластен сметководител и упис во регистар донесен од Управниот одбор на Институтот за сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија како и едно барање за заштита на слободи и права и повеќе предлози за одлучување со нацрт-одлуки

Можете да прочитате

Министерот Филков во посета на затвор Идризово

Мицкоски се сретна со евроамбасадорот Гир

Англичанец паднал во Охридско, го спасила полицијата