
Меѓународниот фонд за деца при Обединетите Нации за итни состојби (УНИЦЕФ) соопшти дека во првите два месеца од годинава регистрирани се речиси 10.000 случаи на силување и други форми на сексуално насилство во источниот дел на Демократска Република Конго, а една третина од жртвите се деца.
Портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер на прес-конференција во Женева изјави дека силувањето и другите форми на сексуално насилство се користат како алатки на војната. Слични случаи се случуваат во просек на секои 30 минути, а меѓу жртвите има и мали деца.
– Ние не зборуваме за изолирани случаи, ние зборуваме за систематичност … Ова е оружје, намерна тактика на терор, посочи Елдер.
Бунтовничката група М23 на почетокот од годината презеде офанзива во источниот дел на ДР Конго, во која загинаа илјадници луѓе, вклучително и деца, а стотици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.
ДР Конго ја обвинува Руанда за поддршка на М23, а Кигали негира. Но, Руанда има распоредено војници и ракетни системи во источниот дел на ДР Конго, како што тврди поради своја безбедност.
Движењето 23 март е една од околу стоте вооружени групи кои се борат во источниот дел на ДР Конго, регион богат со минерали. Бунтовничката група главно е составена од членови на етничката заедница Тутси. Конфликтот во источниот дел на ДР Конго трае повеќе децении за земјиште и ресурси. Во земјата пред повеќе од две децении распоредени се мировни сили на ОН, а во моментот имаат околу 14.000 војници.