Утрински Весник
Македонија

Унгарски извори: Орбан ќе ги седне на маса Мицкоски и Радев на 7 ноември во Будимпешта

Orban I Mickoski 989x500 1.jpg

Од високо упатени политички кругови во Унгарија, Рацин.мк објави информации дека унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе го искористи Самитот на Европската политичка заедница којшто на 7 ноември оваа година ќе се одржи во Будимпешта за да ги седне на заедничка маса македонскиот премиер Христијан Мицкоски и бугарскиот претседател Румен Радев, или, пак, новиот премиер доколку до тогаш заврши процесот за избор на нова влада во Бугарија од изборите закажани за 27 октомври.

Самит на Европската политичка заедница, кој е веќе закажан, е иницијативата на Макрон за среќавање два пати годишно сите лидери од ЕУ и вон ЕУ европски држави за да дискутираат за стратешки политички прашања. Последниот самит беше во јули во Англија.

Орбан и Мицкоски се надеваат на победа на Трамп за да се намали притисокот од САД

Унгарски извори за Рацин.мк откриваат дека на тој самит Орбан ќе се обиде да го исполни своето ветување за посредување меѓу Северна Македонија и Бугарија и да ги седне на иста маса лидерите на двете земји. Целта на тој состанок би било изнаоѓање на решение за одблокирање на евроинтегративниот процес за Северна Македонија.

Ова ќе биде обид на Орбан да му помогне на Мицкоски да излезе од тешката ситуација на блокада во која сме сега и потврдува две работи:

– Дека Мицкоски е под притисок до крај на 2024 да најде решение за блокадата и за товарот на уставни измени. Ова е битно за ЕУ за да не заостанеме премногу зад Албанија и за да нема внатрешни импликации во Северна Македонија, но и во регионот;

– Дека Орбан и Мицкоски се надеваат на победа на Трамп на 5 ноември, два дена пред самитот во Будимпешта и дека тоа ќе го намали притисокот од САД за уставни измени ќе им ја зајакне позицијата на двајцата по што Орбан ќе бара измена на францускиот предлог со внесување на клаузула за одложена примена на уставните измени.

Мицкоски започна да се повикува на искуствата од Преспанскиот договор како модел кој може да се примени и за спорот со Бугарија, што претходно го поттикна поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, кој сега се нуди да ја предводи оваа дипломатска акција. За изворите што ги консултираше Рацин.мк, ова се прилично амбициозни цели кои реално немаат голема надеж и втемеленост дека ќе успеат и имаат многу непознати.

Фон дер Лајен доаѓа во Скопје да го испорача единствениот услов: Уставни измени сега

Особено ако се има предвид најавената посета на Скопје на Урсула Фон дер Лајен претседателката на Европска комисија која наскоро треба да допатува во регионот за да ги испорача ветувањата за парите предвидени со Планот за раст.

Во однос на Северна Македонија фон дер Лајен ќе ги испорача условите и очекувањата на ЕУ за сериозни и суштински реформи од новата Влада за кои до сега нема никаква трага, како и брзо изгласување и спроведување на уставните измени така како што е наведено во усвоената преговарачка рамка прифатена од сите држави членки на ЕУ.

Во секој случај наредните неколку месеци ќе ја определат судбината на нашите евроинтеграции во наредните неколку години, но и улогата што Мицкоски ќе ја има во однос на стратешката определба за членство на Македонија во ЕУ. Дали ќе остане да блокира и да бара нови преговори со Бугарија под покровителство на Орбан или ќе го спроведе она што е веќе договорено со францускиот предлог и ќе ги продолжи преговарите со ЕУ за членство за да бидат завршени до 2030 година кога се очекува првото наредно проширување.

Можете да прочитате

61- годишна жена го роди своето прво бебе на Клиниката за гинекологија

Верниците се простуваат од упокоениот митрополит Дебарско-кичевски Тимотеј

Царинска управа: спречен шверц на цигари, облека и хардверски делови, како и нелегален влез на илегални мигранти од Иран и Сиера Леоне