Утрински Весник
Македонија

Унгарската „4иГ“ основа фирма во Скопје – Ќе бидат ли трет комуникациски оператор во Македонија?

Bnecompany Hungary 4ig.jpg

Унгарската телеком-компанија „4иГ“, која по смената на власта изрази желба да стане трет мобилен оператор во државава, неделава отворила фирма во Скопје под називот „Оне Македонија телекомуникации“. Основните информациите за фирмата ги објави денеска Централниот регистар на својот сајт.

Компанијата е регистрирана на адресата на адвокатската канцеларија, „Михајлоски & Поповска“, каде коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, објави Призма.

Тој во разговор со БИРН ниту го потврди, ниту, пак, го негираше заклучокот дека оваа компанија е всушност клиент на неговата адвокатска канцеларија.

„Посветени сме да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донесовме во Албанија и Црна Гора. Основањето на ONE Macedonia Telecommunications е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Македонија“, изјави, Тамаш Табори.

Минатата година истражувачкиот портал „Директ 36“ објави долга сторија за компанијата „4иГ“ под името „Тајната историја на омилената компанија на Виктор Орбан“.

Најавата за евентуален влез на оваа компанија во Македонија, во домашната јавност се коментираше и од аспект на соработката на „4иГ“ со кинескиот технолошки гигант, „Хуавеи“, кој државава го стави на црната листа компании со цел да „оневозможи инсталирање чувствителна телекомуникациска опрема која може однадвор да биде злоупотребена за собирање податоци за македонските граѓани.“

Вицепремиерот и министер за трнспорт, Александар Николоски во повеќе наврати изјави дека очекува оти со доаѓањето на нов оператор ќе се зголеми пазарната конкуренција, ќе се намалат цените, ќе се подобрат телекомуникациските мрежи и ќе се забрза дигитализацијата на земјата. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека тендер за трет оператот ќе има, оти ставот на новата влада е дека заврши времето на договори во 4 очи. Инаку 4iG потпиша меморандум за разбирање со македонската влада.

Со завршувањето на процесот на регистрација на компанијата, извршен директор на One Macedonia Telecommunications ќе биде Тамаш Табори.

Можете да прочитате

Доне Таневски продаде голем удел од акциите во „Македонија турист“ – „Скопски пазар“ на Фатмир Етеми ја зацврстува позицијата на втор најголем акционер

Лукаревска: СДСМ поднесе амандман за поддршка на зелената транзиција и намалување на загадувањето

НСО: Исплатени обврските кои беа заостанати од потпишувањето на колективниот договор