
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја обвини Будимпешта дека „зела заложници“ седум вработени во државната банка на Украина откако вчера беа приведени во Унгарија. Вработените во „Ошчадбанка“, државната украинска банка, беа приведени додека транзитирале пари меѓу Австрија и Украина со две банкарски возила, пишува „Киев Индепендент“ . Статусот на приведените лица засега е непознат.
Овие сериозни обвинувања доаѓаат во време на ескалација на тензиите меѓу Украина и Унгарија, една од најпроруските земји во рамките на ЕУ, и во контекст на спор околу прекинот на транзитот на руска нафта. Сибиха објави на социјалната мрежа X дека официјалните причини за притворањето „сè уште се непознати“ и дека Киев испратил „официјална нота“ со која бара нивно ослободување.
„Зборуваме за тоа како Унгарија зема заложници и краде пари. Ако ова е „силата“ што ја објави претходно денес г-дин Орбан, тогаш тоа е сила на криминална банда. Ова е државен тероризам и рекетирање“, напиша Сибиха.
Ошадбанка објави дека GPS податоците покажуваат дека запленетите возила се наоѓаат во центарот на Будимпешта. Во соопштението за медиумите на украинската банка се наведува дека возилата содржеле 40 милиони американски долари, 35 милиони евра и 9 килограми злато.


