Утрински Весник
Македонија

УНДП и Град Скопје претставија прототип на сувенир првпат изработен од биоотпад

Thumbnail 1 1 800x538 1.jpg

Првиот прототип на сувенир изработен од биоотпад, кој Програмата за развој на Обединетите нации го создаде од идеја до реализација во партнерство со Град Скопје, беше претставен денеска во седиштето на УНДП.

Сувенирот е направен во градската биотехнолошка лабораторија во ССУ „Марија Кири-Склодовска“, која УНДП и УНИЦЕФ ја отворија во соработка со Град Скопје.

„Преку создавањето на овој прототип на сувенир од биоотпад не само што ги следиме глобалните трендови, каде што биоотпадот се третира многу повеќе од ресурс во индустријата, туку се размислува и за негова примена во уметноста. Ова истражување, чиј резултат го споделуваме денеска, е меѓу првите обиди во светски рамки за користење на биоотпадот како суровина за изработка на сувенири. Се надеваме дека ќе најде примена и ќе биде пример за слични идеи понатаму“, изјави постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, Армен Григорјан.

„Првиот екосувенир направен од биоразградлив материјал со примена на нови иновативни технологии има свој уникатен белег, изработен е во првата биотехнолошка лабораторија, која Град Скопје со поддршка на УНДП и УНИЦЕФ ја отвори во средното училиште на град Скопје, ‘Марија Кири-Склодовска’. Биотехнолошката лабораторија, во која со нашите средношколци почнавме процеси што водат кон рециклирање и реупотреба со примена на методи за трансформација на биоотпадот, е од големо значење за креирање одржливи решенија со цел заштита на животната средина“, рече градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска.

Сувенирот е изработен од отпаден материјал од оризова слама и талог од кафе.

На него е прикажан часовникот на старата железничка станица, чии стрелки се застанати во 5.17 часот означувајќи го катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година. На локацијата на која сега се наоѓа Музејот на град Скопје, овој часовник стана и симбол на обновата на градот и на светската солидарност.

Целиот процес на дизајнирање, од избор на материјали до производство, е изведен во согласност со правилата на одржливост и циркуларната економија. Амбалажата за сувенирот исто така е направена од биоотпад, а во неговата изработка учествуваше тим од биотехнолози, професори и други стручни лица.

„Проектот може лесно да се повтори од ученици за поттикнување креативни и одржливи практики во образованието “, вели Натали Ристовска, експертка, која работеше на изработката и дизајнот на сувенирот.

Според експертите, вакви сувенири на едноставен начин ќе може да изработуваат и лица што не се биотехнолози, како учениците и студентите, кои ја користат отворената градска биотехнолошка лабораторија.

Можете да прочитате

Филипче откри документ: Светска Банка понудила поповолен кредит од унгарскиот

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ е таа партија која прави дестабилизација на државата

Филипче: Мицкоски нема право да ги прекине преговорите со ЕУ, државата не е негова приватна своина