Утрински Весник
Македонија

UltiMATH отвора нови врати за младите таленти: Натпреварот помага во градење логички и аналитички вештини неопходни за кариера во СТЕМ дисциплините

Whatsapp Image 2024 11 19 At 12.24.12 F6a0a246.jpg

Математиката е применлива во голем број на индустрии и поттикнувањето на знаењето во оваа дисциплина може да создаде идни успешни генерации во повеќе области, смета Александра Спирковска Златановска дипломирана професорка по математика која учествува во подготовка на најголемиот натпревар по математика за средношколци „UltiMATH“.

Спирковска Златановска е дел од тимот на UltiMATH, новиот предизвик за сите ученици во средно училиште создаден од Бреинстер НЕКСТ факултетот и NU Колеџот за средношколци. Според неа, многу ученици и студенти не се свесни за вистинскиот обем на можности што ги имаат доколку посветено го развиваат својот талент во математиката и токму затоа една од целите на натпреварот UltiMATH е да ги поттикне младите да ги истражат сите можности што таа им ги нуди.

„Во нашиот регион, математиката често се гледа како област која води кон професијата професор или научник, но сепак таа е применлива во скоро секоја индустрија. Не само во инженерство или физика, туку и во индустрии како финансии, технологија, информациски системи, здравство и многу други. Математиката е темел на многу иновации и современи решенија и треба почесто да се потсетуваме дека таа е ‘гимнастика на умот’“, вели Спирковска Златановска.

Организаторите на UltiMATH велат дека се задоволни од досегашниот одѕив на пријавени учесници во првата квалификациска рунда што се одвива онлајн. Како позитивна ја издвојуваат и поддршката на повеќе од десет гимназии и средни училишта од цела Македонија кои препознале дека UltiMATH претставува одличен канал преку кој учениците можат да ги измерат своите знаења во математика, да се поттикнат да размислуваат критички и да ги развијат своите аналитички и логички способности, но и да се дружат во живо на големите финалиња на кои ќе учествуваат 350 ученици.
Тимот што го подготви UltiMATH е составен од врвни експерти во математиката и образованието, кои заедно работат на создавање на уникатен натпреварувачки предизвик. Покрај Спирковска Златановска, дел од тимот се и Ивица Пешовски, докторанд на компјутерски науки и предавач на Бреинстер НЕКСТ факултетот, Огнен Трипуноски главен оперативен директор во Бреинстер, Гордана Николовска, магистерка по математичко моделирање со богато менторско искуство, Филип Николовски, докторанд и член на Сојузот на математичари со долгогодишна пракса во натпревари, како и Тамара Димитрова, експертка за ИКТ во образованието и иноваторка, која носи уникатен пристап кон креативноста и технологијата во наставата.

Математика и логика – како да се подготвам за UltiMATH?

UltiMATH е структуриран во пет рунди и две фази. Квалификациската фаза е отворена до 26 ноември, додека елиминациските рунди ќе се одржат во живо на 30 ноември и на 1 декември во Ист Гејт Мол во Скопје.

За сите оние што се подготвуваат и се гледаат себе си на големите финалиња на UltiMATH, Трипуновски вели дека ќе се соочат со математички предизвици внимателно и темелно подготвени. Сакаме да ги охрабриме и да ги поттикнеме младите умови да размислуваат поинаку математички – да бидат темелни познавачи на материјата, но истовремено да бидат и прагматични, појаснува Трипуноски кој е главен оперативен директор во Бреинстер и го подготвува натпреварот.

„Замислата е на сите оние кои се доволно храбри да го прифатат предизвикот да бидат дел од овој натпревар, да им покажеме еден нов свет во кој владее математиката и како таа придонесува кон изнаоѓање на решенија на реални и комплексни проблеми“, вели Трипуноски.

Според Пешовски, главен технолошки директор во Бреинстер, UltiMATH е внимателно дизајниран за да обезбеди инклузивност и фер натпревар.

„Натпреварот е дизајниран да биде еден за сите средношколци од 1 до 4 година, без оглед на нивната година на школување. Наместо да креираме различни тестови според наставната програма за секоја година, се фокусиравме на составување предизвикувачки прашања што секој ученик кој има солидно знаење по математика треба да може да ги одговори без поголеми потешкотии. Еден од клучните фактори во самиот натпревар е и менаџирање со времето – учесниците не само што треба да ги покажат своите вештини, туку и да внимаваат на брзината и ефикасноста при решавање на задачите“, објаснува Пешовски.

Ултимативна награда од 10.000 евра

Покрај поттикнувањето на младите да се насочат во математика, UltiMATH е привлечен и поради наградата од 10 илјади евра во кеш за најдобриот математичар и стипендија што целосно ќе го покрие студирањето на Бреинстер НЕКСТ факултетот.

„Бреинстер како едукативно-технолошка организација континуирано придонесува кон развојот на образованието и се стремиме да создаваме сè повеќе можности. Така и ова е само една од многуте можности кои ги нудиме на нашите млади таленти“, вели Трипуновски и додава дека ќе има и други награди кои ќе бидат изненадување.

Тимот што работи на UltiMATH смета дека со учество на вакви натпревари, учениците добиваат можност да го усовршат своето логичко размислување, да се справуваат со предизвици, да применуваат стратегии за решавање проблеми и да ја развиваат својата упорност, истрајност и самодоверба.

„Дополнително отвораат нови професионални можности и академски успеси – не само што носат признанија, туку и создаваат основа за понатамошни студии, стипендии и избор на престижни универзитети“, вели Спирковска Златановска.
Таа се надева дека преку UltiMATH, кој ќе стане традиционален годишен натпревар, ќе се подобри севкупното учество во математичките натпревари, кое кај нас се движи на долна граница од 1-3%, споредбено со процентот во светски рамки кој е во опсегот од 1-5% од вкупен број на ученици и студенти во државата.

Натпреварот UltiMATH, покрај поддршка од голем број на средни училишта во Македонија, доби поддршка и од страна на повеќе компании и организации, како Ист Гејт Мол, WVP Fund Management, iBorn, The Beetles, Горска, Urban FM, МОФ – Младински образовен форум и други. UltiMATH е поддржан и од Активноста на USAID North Macedonia за млади кои активно создаваат можности – Youth Actively Create Opportunities.

*Иницијативата се спроведува во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата Унапредување на економиите за посилни заедници (IESC) во партнерство со Младински образовен форум и Центар за претприемачи и развој на менаџери Скопје.

Мислењата изразени во текстот им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на УСАИД или на Владата на Соединетите Американски Држави.

(ПР)

Можете да прочитате

Студентите утре на протест: Бараат нови и ефикасни транспортни решенија

Суспензијата на Хајрулахи е законска, вели Коцевски

Спасовски: СДСМ бара зголемување на платите на полициските службеници и сите вработени во МВР