Украинскиот контранапад на југот, за кој многу се зборуваше, беше кампања за дезинформации за да се одвлече вниманието на Русија од вистинска контраофанзива што се подготвуваше во регионот Харков, објавија украинските специјални сили.
Украинските сили продолжуваат со неочекуваниот, брз напредок во североисточниот дел на земјата, заземајќи повеќе од една третина од окупираниот регион Харков за три дена. Голем дел од територијалните придобивки на Украина вчера потврди и руското Министерство за одбрана.
„Тоа беше голема специјална операција за дезинформирање“, рече Тарас Березовец, поранешен советник за национална безбедност, кој стана портпарол на бригадата Бохун на украинските специјални сили.
„Русите мислеа дека ќе нападнеме на југ и ја преместија својата опрема и војници. Потоа, наместо на југ, имаше офанзива онаму каде што најмалку очекуваа и тоа предизвика паника и бегство“, рече тој.