Утрински Весник
Свет

Украина изврши интензивен ноќен напад со беспилотни летала врз руски регион

Ukraina Rusija.png

Украина изврши интензивен ноќен напад со беспилотни летала врз рускиот Краснодарски регион на брегот на Црното Море, при што е предизвикана материјална штета врз инфраструктурата на пристаништето Таман и врз резервоари со гориво, објави Украинска правда.

Според регионалниот гувернер Венијамин Кондратјев, системите за противвоздушна одбрана дејствувале во текот на целата ноќ во обид да ги пресретнат украинските дронови. Тој рано утрово преку Телеграм информираше дека најголеми оштетувања се регистрирани во населбата Волна, во Темрјукскиот реон, каде што се наоѓа стратешкото пристаниште Таман.

Како што наведе гувернерот, погодени биле резервоар за гориво, магацински објекти и терминали во рамки на пристанишниот комплекс. На терен биле ангажирани 126 припадници на службите за итни интервенции со 34 возила, кои работеле на локализирање на повеќе пожари.

Официјалните информации говорат дека две лица се повредени и им е укажана медицинска помош.

Во текот на ноќта, експлозии биле пријавени и во повеќе градови низ Краснодарскиот регион, меѓу кои Краснодар, Новоросијск, Геленџик, Сочи, Анапа и Туапсе, како и во регионот Адигеја, што укажува на поширок опфат на нападот.

Можете да прочитате

Земјотрес од 4,1 степени го погоди Чиле

Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина

Рубио на средба со Г7 во Минхен: Фокус на глобалните конфликти и безбедносните предизвици