Утрински Весник
Свет

Украина им дозволи на мажите на возраст од 18 до 22 години да ја напуштат земјата за првпат од почетокот на војната

Ukraina.webp.webp

Украинските власти денеска соопштија дека ќе им дозволат на мажите на возраст од 18 до 22 години да патуваат во странство, што им беше забрането од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Забраната важеше за сите мажи на возраст од 18 до 60 години, со одредени исклучоци, а неколку илјади од нив се обидуваа нелегално да побегнат од земјата секоја година, што беше опасно по живот.


– Владата ја ажурираше процедурата за преминување на државната граница. Мажите на возраст од 18 до 22 години ќе можат непречено да ја преминуваат границата за време на вонредната состојба, објави премиерката на Украина, Јулија Свириденко, на Телеграм.

Таа наведе дека одлуката се однесува и на граѓаните „кои моментално се наоѓаат во странство“, а кои отсега можат да се вратат во Украина, како и повторно да ја напуштат.

– Сакаме Украинците што е можно повеќе да одржуваат врски со Украина, додаде Свириденко.

Мобилизацијата не важи за младите мажи на возраст од 18 до 22 години, а минималната старосна граница за служење во војската беше намалена на 25 години во април 2024 година.

Војската воспостави договор со финансиски стимулации за тој дел од машката популација, кој немаше очекуван успех.

Од почетокот на војната во Украина, над 5,6 милиони луѓе заминале во странство, од кои огромно мнозинство се во земјите низ Европа, според податоците на Обединетите нации.

Можете да прочитате

Трамп најави дека ќе воведе смртна казна за секое убиство во Вашингтон

НАТО распореди германски борбени авиони поради руско присуство во Балтичкото Море

Руските сили напредуваат во нов украински регион