Утрински Весник
Свет

Украина ја нарече полската блокада на границата безбедносна закана

Ss 24.webp.webp

Украинскиот министер за инфраструктура, Олександр Кубраков, денеска ја опиша блокадата на граничните премини кон Полска, организирана од полски земјоделци, како „безбедносна закана“.

– Блокирањето на границата претставува директна закана за безбедноста на земјата што се брани. Ваквите дејствија имаат негативно влијание врз нашата конфронтација со заедничкиот непријател Русија, напиша Кубраков на Фејсбук.

– Погоден е целиот извоз. Можеме да кажеме дека ситуацијата е критична. Не само што се блокирани земјоделските производи, туку тие (демонстрантите) блокираат се. Има камиони со гориво. Пред неколку дена имаше случаи во кои демонстрантите не пуштија неколку камиони натоварени со оружје, рече украинскиот министер на националната телевизија.

Како што соопшти Министерството, на полската страна од границата биле блокирани шест контролни пунктови.

– Најкритична е ситуацијата на контролниот пункт Јагодин-Дорохуск, каде товарниот сообраќај е целосно запрен. Запрена е хуманитарната помош, лесно расиплива стока и гориво, изјави заменик-министерот за инфраструктура Сергиј Деркач.

Според Михал Дерус, портпарол на Даночната управа во Лублин, Полска, моментално има околу 600 камиони кои чекаат да ја напуштат Полска на граничниот премин Дорохуск, а проценетото време на чекање за овој број камиони е околу 232 часа.

Ниту еден камион не влегол во Полска (од Украина), така што може да се претпостави дека се работи за целосна блокада, рече Дерус.

Украинското Министерство за инфраструктура посебно ја осуди блокадата на патничките автобуси.

– Жени и деца кои станале бегалци по бегството од војната и кои се враќаат дома од различни причини не можат да станат заложници на трговски интереси, рече Кубраков и додаде дека очекува конкретни активности од полските колеги за да се избегнат ваквите ситуации.

Од ноември минатата година, полските земјоделци редовно блокираат неколку гранични премини со Украина во знак на протест против нелојалната конкуренција од нивниот сосед.

Полска и помага на Украина од почетокот на руската инвазија, но несогласувањата околу забраната за увоз на украинско жито ги затегна односите меѓу сојузниците.

Во последните денови, Полска укажа на можноста за воведување дополнителни забрани за увоз на украински земјоделски производи за да ги заштити своите земјоделци.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков