Утрински Весник
Македонија

УКИМ одбележува 76 години од основањето

Ukim1.webp.webp

Најстарата и најголема високообразовна институција во земјава, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје годинава одбележува 76 години од своето основање. По тој повод, Универзитетот организира тридневна програма на настани кои ќе се одржат денеска, на 23 и 30 мај, како дел од чествувањето на јубилејот и патрониот празник – Денот на светите Кирил и Методиј.

Свеченостите ќе почнат денеска со концерт на Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ во Дом на АРМ.


Централниот настан ќе се одржи в петок и ќе почне на платото пред Ректоратот, каде ќе се положи цвеќе на споменикот на светите Кирил и Методиј, а потоа програмата ќе продолжи во свечената аула на Универзитетот. Предвидени се обраќања на ректорката, проф. д-р Биљана Ангелова и претседателот на Универзитетското студентско собрание Александар Николовски, по што ќе следи свечено доделување на награди за најдобрите дипломирани студенти за учебната 2023/2024 година, како и доделување на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“. Предвидена е уметничка програма на студентите од Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Одбележувањето на годишнината ќе продолжи и на 30 мај со свечено доделување на титулата почесен професор (professor honoris causa) на професор д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија.

– УКИМ останува симбол на академска извонредност, научен развој и општествена одговорност. Веќе 76 години сме двигатели на знаењето, критичката мисла и прогресот во нашето општество. Денес, УКИМ е дом на илјадници студенти, наставници и истражувачи кои го градат патот кон иднината, наведоа од УКИМ.

Прославата на 76 годишнината на УКИМ, како што се наведува, е потсетник за улогата што Универзитетот ја има како темел на академскиот развој во земјата и најдоброто место за отпочнување и градење на успешна професионална иднина.

Можете да прочитате

За десетина дена треба да заврши истрагата за случајот во Кочани, најави Коцевски

Македонец измамил осум родители во Хрватска, се претставил како доктор и успеал да им земе огромна сума пари

СДСМ повторно го поднесе Законот за поддршка на настраданите во Кочани