
„Инфраструктурата е предуслов за инвестиции и за развој затоа што ако инвеститорот согледа дека вложувате во инфраструктурата, ве препознава како сериозен партнер”, истакна Мило Ѓукановиќ, поранешен премиер и претседател на Црна Гора и стопанственик, во најновата епизода на подкастот „Бизнис-клуб плус“ со Бранко Азески. Разговорот даде аналитички осврт на економските последици од инфраструктурните инвестиции, стратешките предизвици на евроинтеграциите и на потребата од партнерство меѓу државата и бизнис-секторот како клучен услов за одржлив економски развој.
Зборувајќи за привлекувањето странски инвестиции како двигател на економскиот раст, Ѓукановиќ потенцира дека, и покрај државните мерки и стимулативни политики, првите значајни инвестиции пристигнале дури по започнувањето на изградбата на автопатската инфраструктура. Според него, развиената патна мрежа, ефикасниот проток на стоки и услуги, ниските даночни стапки и уредените имотноправни односи се суштински предуслови за создавање стабилна инвестициска клима. Тој додаде дека државата мора да има јасна сопственичка структура и предвидлива владина политика за да го задржи интересот на инвеститорите.
Во однос на евроинтеграциите, Ѓукановиќ предупреди дека недоволната динамика на проширување и одложените одлуки на Европската Унија создадоа простор за други геополитички влијанија во регионот, што претставува ризик за стабилноста на Европа.
Во продолжение на разговорот, Ѓукановиќ направи компаративна анализа меѓу поранешниот југословенски економски систем и европскиот модел на пазарна економија. Тој посочи дека Југославија не ја искористила историската шанса за интеграција во Европската Унија поради концептот на самоуправна економија и затворен пазар, спротивен на либералните пазарни принципи на Европа.
Говорејќи за иднината на Западен Балкан, Ѓукановиќ нагласи дека интеграцијата во Европската Унија е стратешка нужност, но дека земјите од регионот мораат да ги исполнат своите реформски обврски и да покажат политичка зрелост.
„Мора да ги исполниме домашните обврски, односно земјите на Западен Балкан да ги довршат реформите што ги започнале за да се искористи расположението на Европската Унија за завршување на процесот на проширување. Но тоа бара посветеност. За Западен Балкан би било погубно продолжувањето на процесот на самоизолација затоа што културно и културолошки припаѓаме во Европа“, изјави Ѓукановиќ.
Тој оцени дека Европската Унија направила геополитичка грешка со одложувањето на проширувањето, оставајќи го Западен Балкан надвор од нејзините влијанија, што, според него, може да резултира со сериозна криза која би имала последици и за самата Унија.


