
По две одложувања, во Основниот суд во Штип денеска започна судењето против познатиот штипски угостител Стојанче Зарков, познат како Грофот, обвинет за свирепото убиство на својата 84-годишна мајка.
Пред судскиот совет, обвинетиот даде кус исказ во кој тврдеше дека има целосен прекин во сеќавањето за кобната ноќ на 8 август, наведувајќи дека не се сеќава на настаните кои, според обвинението, довеле до смртта на неговата мајка.
Според обвинителниот предлог, Зарков околу два часот по полноќ со нож ја усмртил сопствената мајка во нивниот дом во Штип, а веднаш по извршувањето на делото самиот го пријавил случајот во полиција.
Јавната обвинителка Тања Кацарова во воведните зборови побара изрекување на најстрога затворска казна, оценувајќи дека станува збор за чин кој претставува длабока повреда на сите општествени и морални норми.
Наспроти ставот на обвинителството, адвокатот по службена должност Донче Стаменков побара ослободителна пресуда. Според него, доказите се контрадикторни, а кај обвинетиот не постоел мотив ниту намера да го изврши кривичното дело.
Судскиот процес продолжува со изведување на докази и вештачења, кои треба да утврдат дали и под кои околности Стојанче Зарков го одзел животот на својата мајка.



