Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на вториот ден од НАТО министерскиот состанок, што се одржа во седиштето на Алијансата, во Брисел.
Состанокот на ниво на министри за надворешни работи на земјите-членки на НАТО беше посветен на клучни прашања за безбедноста на евроатлантскиот регион во контекст на актуелните безбедносни предизвици.
Средбата на министрите за надворешни работи на НАТО Алијансата претставуваше одлична можност за преглед на статусот на реализација на одлуките донесени на самитот на НАТО во Вашингтон, како и за дефинирање на приоритетите во рамките на подготовките за претстојниот самит на НАТО во Хаг, што ќе се одржи следната година. Во оваа насока, министерот Муцунски ја подвлече неопходноста од продолжување на креирање политики и ставови кои ќе овозможат соодветен одговор на заедничките предизвици и закани, со цел зачувување на евроатлантската безбедност и стабилност. Од негова страна посебно беше акцентирана потребата за натамошно градење на индивидуалната и заедничката отпорност за одговор на предизвиците од насочените малигни закани и растечките хибридни активности кои се насочени кон нашите општества.
Притоа, министерот Муцунски ја нагласи важноста на регионот на Западен Балкан, кој НАТО го препознава како стратешки значаен, и потенцираше дека НАТО и ЕУ треба да ги зајакнат своите активности за поддршка на европските и евроатлантските интегративни процеси во земјите од регионот. Овие процеси, како што посочи, се најдобриот начин за затворање на безбедносниот вакуум кој би можел да биде искористен од злонамерни актери.
На маргините на состанокот, министерот Муцунски оствари средба со канадската министерка за надворешни работи, Мелани Џоли. На средбата беа потврдени одличните билатерални односи помеѓу двете земји. Соговорниците се осврнаа на понатамошниот развој на билатералните односи, со посебен акцент на економската соработка, бизнис релациите и трговската размена, при што ја истакнаа значајната улога и придонесот на македонската дијаспора во Канада во овој контекст.
Дополнително, во фокусот на разговорите беше и соработката во рамките на мултилатералните организации. Двајцата министри ја изразија заедничката заложба за натамошно зајакнување на сојузништвото во НАТО, со посебен акцент на заедничкиот придонес за зајакнување на источното крило на Алијансата.