Утрински Весник
Магазин

Учениците кои го освоија третото место во Европа за финансиска едукација одликувани од МБА, Народната банка и КХВ

Dsc 6822.jpg

Во просториите на Македонската банкарска асоцијација, на 28 мај 2024 година,  се одржа свеченото доделување на наградите на учениците Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од СОУ „Цар Самоил” − Ресен, кои под менторство на Дијана Ѓоргиевска, ја претставуваа нашата земја и на европското финале во Брисел, Белгија, каде што го освоија третото место во конкуренција од 36.000 ученици од 2.200 училишта низ Европа. На средбата присуствуваа претседателката на Македонската банкарска асоцијација (МБА), д-р Маја Стевкова-Штериева, гувернерката д-р Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), м-р Нора Алити, како и второ- и третопласираните тимови на националниот натпревар, односно Стефани Георгиевска и Филип Клобучински од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен” – Скопје со менторката Билјана Ниновска и Лара Росоманска и Елена Ризова од СОУ Гимназија „Добри Даскалов” − Кавадарци со менторката Лоска Давчева.

Претседателката на МБА, Стевкова-Штериева, истакна дека успехот на Кирил и Кристијан треба да биде инспирација и за останатите ученици, како и за општествените чинители во земјава за да вложуваат во образованието, бидејќи тоа е најбрзиот начин за постигнување напредок. „Со овој успех, Кирил и Кристијан покажаа дека соништата можат да станат реалност кога се има поддршка и насока. Тие не само што ја претставуваа нашата земја со гордост, туку и докажаа дека Македонија има светла иднина благодарение на младите луѓе како нив. Овoj бронзен медал нека биде поттик за сите нас за да вложуваме уште повеќе во образованието и развојот на нашите млади”, посочи Стевкова-Штериева.

Во разговорот со тимовите, гувернерката на Народната банка им порача дека нивниот сегашен влог во јакнење на нивното финансиско знаење ќе им овозможи поефикасно управување со парите и подобра иднина. Таа ја истакна и потребата од вклучување на финансиската едукација во формалното образование. „Посеопфатното вградување на финансиската едукација во наставните програми на основните и средните училишта е од суштинско значење за учениците за да стекнат соодветни знаења и вештини од областа на финансиите. Ова е всушност една од активностите на која сме ѝ посветени во моментов во согласност со предвиденото во Стратегијата за финансиска едукација и инклузија, во соработка со Бирото за развој на образованието”, рече Ангеловска-Бежоска.

Претседателката на КХВ, Алити, посочи дека „Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, заради заеднички напредок, ќе биде вклучена и натаму во кампањи и активности за финансиска едукација на населението, особено на младите, ќе им посвети големо внимание на предизвиците со кои се соочуваат младите лица за време на своето образование, како и на потребата од проширување и одржување на талентираната работна сила, којашто во иднина ќе претставува добра основа од каде што ќе се црпат квалитетни кадри на пазарот на капитал, воопшто.”

На најдобрите три тима на Европскиот квиз на парите за 2024 година, Кирил Китевски и Кристијан Лазароски, Стефани Георгиевска и Филип Клобучински, и Лара Росоманска и Елена Ризова, за извонредниот успех на натпреварот им беа врачени награди од Македонската банкарска асоцијација, Народната банка и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија. Изразуваме голема благодарност до посветените наставници кои ги водеа тимовите до победа.

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста