
Денеска завршува учебната 2024/2025 година за основците и средношколците ширум државата. Учениците заминуваат на заслужен летен распуст, кој ќе трае до 31 август, кога е предвидено враќањето во училишните клупи.
Матурантите, пак, наставата ја завршија уште на 16 мај. Тие сè уште се во тек со обврските од државната матура – утре (11 јуни) ги очекува вториот екстерен испит. Првиот, задолжителниот испит по мајчин јазик, се одржа на 31 мај, кога над 15.000 матуранти седнаа на испитната клупа.
Што треба да знаат полуматурантите за запишување во средно?
За полуматурантите, јуни е месец на важна животна пресвртница – запишување во прва година средно образование. Пријавувањето ќе се одвива електронски, преку платформата euslugi.mon.gov.mk, со најава преку корисничките сметки на schools.mk.
Според конкурсот на Министерството за образование и наука, запишувањето ќе се спроведе во два уписни рока:
- Прв уписен рок: од 14 јуни (00:00 часот) до 17 јуни (23:59 часот). Документите ќе се доставуваат директно во училиштата на 18 и 19 јуни.
- Втор уписен рок: на 30 јуни, со поднесување на документи на 1 јули.
Со завршувањето на учебната година, учениците добиваат време за одмор и релаксација, а идните средношколци се подготвуваат да започнат нова, возбудлива фаза од нивното образование и живот.