
Лубослав Љубо Пенев (59) моментално се наоѓа во тешка здравствена состојба и води борба за живот на онколошка клиника во Германија. Легендата на бугарскиот фудбал беше примена во болница минатата недела, каде што по низа детални прегледи му беше откриен карцином на бубрег.
Според бугарските медиуми, Пенев е сериозно исцрпен, значително ослабен, а неговата состојба не дозволува започнување хемотерапија. Семејството упати повик за помош до јавноста:
„Денес една од најголемите бугарски легенди се бори за својот живот. Лубослав Пенев ни подари победи, радост и гордост –сега мора да му дадеме надеж. Ве молиме, да застанеме рамо до рамо и да му подадеме рака на човекот кој никогаш не престана да дава за Бугарија“, стои во пораката што брзо се прошири низ земјата и регионот.
Ова е втора битка на Пенев со тешката болест. Во 1994 година му беше дијагностициран рак на тестисите, поради што го пропушти Мундијалот во САД. Пенев ја почна кариерата во ЦСКА Софија, каде што стана вистинска клупска икона, а подоцна настапуваше и за европски гиганти како Валенсија и Атлетико Мадрид.
За бугарската репрезентација одигра 62 натпревари и постигна 14 гола. По завршувањето на играчката кариера се посвети на тренерската работа водеше бројни бугарски клубови, беше селектор на репрезентацијата од 2011 до 2014 година, а кратко работеше и со „Б“ тимот на Валенсија. Неговиот последен тренерски ангажман беше минатата година во Локомотива Пловдив.


