Нермин Сулејмановиќ денеска уби три лица и рани уште три во градот Градачац во Босна и Херцеговина. Неговите жртви, освен полицаецот, не биле случајно избрани, беше откриено на прес-конференцијата што ја одржаа министерот за човекови права на Босна и Херцеговина Севлид Хуртиќ, премиерот на Тузла Ирфан Халилагиќ и министерот за внатрешни работи на Тузла Хајрудин Механовиќ.
„Ова е голем срам за нашето општество. Добив информација дека 12.000 луѓе го следеле настанот во живо, на 126 луѓе им се допадна. Тие беа среќни гледајќи ја туѓата несреќа. Ние како општество треба да бидеме загрижени каде одиме.Ве молам да ги намалиме тензиите и да помогнеме колку што можеме. Во 2021 и 2022 година 19 жени беа убиени во фемицид. Еве уште едно убиство. Би ја замолил пошироката јавност да не го заборави ова по два дена. Ова може да се повтори во секое семејство и град. Ве молам новинарите – вршете притисок врз нас и барајте да се смени законот, законот за фемицид да биде што поригорозен, за овие луѓе никогаш повеќе да не излезат од затвор“, рече Хуртиќ во Градачац.
Министерот за внатрешни работи на Тузла Хајрудин Механовиќ наведе дека првите индиции се дека не се работи за случајни, туку планирани ликвидации и дека жртвите се лица со кои убиецот имал одредени врски.
„Семејното насилство последен пат беше документирано пред еден месец во Градачац, кога не беше изречена мерка забрана за пристап до семејството бидејќи жената плашејќи се за себе, пред судот ја повлече изјавата и судот не оцени дека нејзиниот живот е во опасност, значи не определи мерки. Ова е системска грешка која некој мора да ја отстрани. Со денешниот пренос во живо добивме потенцијално Бог знае колку слични ликови кои се желни за пет минути слава и се подготвени да ги ризикуваат своите и животите на другите. Тоа треба да се регулира со државна регулатива“, рече Механовиќ.
Убиецот во живо на социјалните мрежи ја снимал ликвидацијата на сопругата, а потоа побегнал од местото на злосторството.