
Црногорската полиција денеска ја уапси поранешната министерка за образование, наука и култура, Весна Братиќ, поради сомнение за злоупотреба на службената положба.
Братиќ ја извршуваше функцијата министерка во владата на Здравко Кривокапиќ во периодот од 2020 до 2023 година, првата влада формирана по смената на долгогодишната власт на ДПС предводена од Мило Ѓукановиќ, објавија црногорските медиуми.
Според информациите, таа била повикана на сослушување во Специјалното јавно обвинителство, каде одговарала на прашања поврзани со смената на голем број директори на основни и средни училишта во 2021 година, додека била на чело на ресорното министерство.
Во тој период биле сменети повеќе од 140 директори со образложение дека не формирале училишни одбори. Сепак, судските постапки подоцна утврдиле дека дел од смените биле незаконски, по што државата исплатила над 280 илјади евра отштета на оштетените.
По сослушувањето, на Братиќ ѝ е одреден 72-часовен притвор поради опасност од влијание врз сведоци.
За време на нејзиниот мандат, Братиќ често беше во фокусот на јавноста и поради нејзините ставови и блискоста со Српската православна црква, што предизвика бројни политички и општествени реакции во Црна Гора.

