Грчки навивач (24), кој се барал за убиството на Михалис Кацурис, е уапсен во областа Гиза во Атина.
Тој е идентификуван со помош на видео снимки, а е познат навивач на Панатинаикос, кој во минатото учествувал во разни навивачки пресметки, јавува „Прототема“, пренесе „Еуроњуз“.
Како што пишува грчкиот портал, повикувајќи се на сигурни извори, приведениот млад човек ги водел навивачите на Динамо Загреб до местото на конфликтот со навивачите на АЕК. Се’ уште се трага по десетина Хрвати.
Податоците на ЕРТ покажуваат дека се очекува да бидат распишани нови потерници, бидејќи полициските службеници на Управата за борба против насилството при спортските објекти идентификувале и други хулигани преку регистарските таблички на автомобилите.
По приведувањето на 105 хулигани, истрагата се фокусираше на проверка на запленетите мобилни телефони, прегледување на видео снимки од местото на конфликтот и ДНК анализа на уапсените, со цел да се идентификува убиецот на 29-годишниот Михалис Каџурис.
Од анализата на податоците во лабораториите се наведува дека, засега, нема идентификација со генетскиот материјал на 29-годишникот. На 60-те запленети предмети во рамките на истрагата не е пронајдена крвта на убиениот навивач во населбата Нова Филаделфија во Атина.
Исто така, грчката полиција чека од Хрватска да и бидат испратени податоци за криминалистичката и прекршочната евиденција на приведените.