
Македонски државјанин кој бил меѓународно баран за три убиства е уапсен во Тирана.
-Станува збор за Бесим Шерифи (52), жител на Копаница, Сарај, Северна Македонија, кој подолг период се криел во албанската престолнина, користејќи фалсификувани лични документи на име на државјанин од Косово – соопшти албанската полиција.
Проверките покажале дека по Шерифи била распишана меѓународна потерница од Интерпол Скопје, откако Судот во Скопје во 2007 година му изрекол мерка притвор за кривичното дело „Убиство“, кое според македонското кривично законодавство се казнува со доживотен затвор.
Според надлежните органи, Шерифи се сомничи дека на 5 октомври 2007 година, во селото Копаница во Скопје, со огнено оружје убил три лица.
-При физичкиот претрес и во станот, кај лицето се пронајдени и одземени еден косовски пасош, косовска лична карта и возачка дозвола, сите фалсификувани, со податоци за државјанин од Косово – се наведува во полициското соопштение.
Се додава дека процедуралните материјали за кривичното дело „Фалсификување исправа“ се упатени до Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Тирана, за понатамошно постапување.
Во меѓувреме, Интерпол Тирана, во соработка со Интерпол Скопјe, ќе ги продолжи процедурите за екстрадиција на Шерифи во РС Македонија.


