
Во врска со најавениот протест во Куманово за ретроактивно оданочување на приходи остварени во странство, Управата за јавни приходи известува дека постапувајќи согласно Уставот, законите и меѓународните договори што ја обврзуваат Република Северна Македонија, има обврска да обезбеди еднаква примена на законските правила за сите граѓани.
Затоа, пред сè, сакаме јасно и недвосмислено да појасниме дека согласно Законот за данок на личен доход, обврската за пријавување и оданочување на доход остварен од странство не претставува нова законска мерка, ниту одлука донесена во текот на оваа година која би се применувала ретроактивно. Законската регулатива за оданочување на доходот од странство постои од секогаш и е усогласена со универзалниот принцип кој постои во секоја даночна јурисдикција според кој секој даночен резидент целокупниот свој светски доход го оданочува во државата во која е резидент.
Фактот што во минатото оваа обврска не била доследно применувана и некои граѓани не го пријавувале својот доход, а Управата за јавни приходи тоа не го контролирала, не значи дека законската обврска не постоела, ниту дека може да биде изземена од законската примена.
Управата за јавни приходи нагласува дека постапува во рамки на своите законски надлежности, а евентуалните пропусти во минатото се прашање на претходни раководни структури.
Управата за јавни приходи е свесна дека кај дел од граѓаните кои добија известувања во врска со доход остварен од странство се појавуваат чувства на несигурност и загриженост затоа што можеби немале целосни или јасни информации за тоа дека согласно закон имаат обврска да го пријават овој доход, додека други граѓани сепак ја исполнувале својата обврска. Но, во целиот процес Управата(УЈП) пристапи целосно транспарентно, со јасни и целосни информации од каде произлегува законската обврска и објаснувања чекор по чекор како правилно да се поднесе пресметка, да се достави документација и да се изврши уплата на данокот, без стрес и без потреба граѓаните физички да доаѓаат во организационите единици на УЈП.
Известувањето од УЈП кое го добија граѓаните претставува повик за појаснување, проверка и утврдување на фактичката состојба согласно со законот, односно можност да достават докази заради правилно утврдување на даночната обврска. Нагласуваме дека резидентите кои за остварениот доход веќе платиле данок во странство нема да бидат двојно оданочени. Законот и договорите за одбегнување на двојно оданочување овозможуваат признавање на платениот данок во странство како даночен кредит, или враќање на платениот данок во странство врз основа на докази, со што се обезбедува правичен и законски третман на сите граѓани без исклучок. Во крајна линија, граѓаните кои сметаат дека се повредени нивните права во даночната постапка која се спроведува сега, имаат можност за користење на редовни правни лекови.
Крајната цел на овој процес е, не само да се плати данокот што сега се должи, туку овие граѓани да бидат целосно информирани и да се вклучат во даночниот систем преку редовно, навремено и точно исполнување на даночните обврски понатаму.
Во овој процес кој Управата за јавни приходи го спроведува, суштински е принципот на еднаквост на сите пред законот. Сите граѓани кои се даночни резиденти имаат еднакви обврски и еднакви права. Прашањето не е само во контекст на даночната усогласеност и правично оданочување, туку има и пошироки и покомплексни аспекти.
Уредното пријавување на доходот е важно за да се спречи стекнување личен имот од неоданочени средства и да постои правичност во користењето на јавните добра и услуги кои се достапни до сите граѓани. Лицата-резиденти кои остваруваат доход од странство, а не го пријавуваат, системот не ги препознава како граѓани кои остваруваат доход, што при остварување на социјални и други права на овие лица и членови на нивните семејства може да создаде нерамноправност во однос на оние кои редовно ги пријавуваат своите доходи и го плаќаат данокот.
Средствата од буџетот се наменети за заеднички потреби на сите граѓани на Македонија, но секој треба да учествува во собирањето на овие средства преку плаќање на даноците согласно со закон. Управата за јавни приходи останува посветена на мисијата да обезбеди фер и праведно оданочување и владеење на правото како императив во општеството.



