Утрински Весник
Македонија
300x250 opst2

УЈП ги проверува инспекторите кои ги предупредувале газдите на „Пулс“ за можни контроли во замена за подароци

Ujp.jpg
300x250 opst2

УЈП презема мерки по наводите дека нивни инспектори ги предупредувале газдите на дискотеката Пулс во Кочани за можните контроли во замена за подароци, велат оттаму за Телма. Ова следи по сторијата на ИРЛ во која беше објавена комуникација обезбедена од свиркач на инспектори со синот на газдата на дискотеката Дејан Јованов Деко. Инаку, според сторијата, еден од нив е брат на в.д претседателката на скопскиот Кривичен суд Даниела Димовска, каде ќе се суди случајот.

„Во врска со информациите објавени во медиумите, Управата за јавни приходи информира дека се преземаат соодветни активности за обезбедување на релевантни докази поврзани со објавените наводи, вклучително и можната инволвираност на споменатите даночни службеници во други слични дејствија. Истовремено, во рамките на своите законски надлежности, Управата за јавни приходи превзема мерки насочени кон овие службени лица со цел да се спречи какво било можно штетно влијание врз Управата за јавни приходи“, велат од УЈП.


Оттаму додаваат и дека УЈП ќе соработува и делува усогласено со сите надлежни институции, со цел целосно и објективно решавање на случајот и заштита на интегритетот на институцијата.

На прашање за наводите на ИРЛ, премиерот Христијан Мицкоски уште еднаш упати критика за работата на обвинителството и на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

„И токму тоа беше причината зошто поддржавме во Парламентот смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Така што треба, секој оној којшто, на каков било начин и во каква било форма има каква било поврзаност со тој случај да биде изведен пред лицето на правдата“, изјави Мицкоски.

А обвинението се очекува да биде оценето до крајот на неделата, согласно најавите на Кривичниот суд, бидејќи до 3 октомври истекуваат законските рокови за прием и достава на приговорите. Оттаму додаваат дека процесот се одлоговлекувал бидејќи се работи за многу обвинети, а дел од нивните адвокати не биле достапни и затоа невремено не им било доставено обвинението и се одлогвлекувале роковите за приговор.

„Судот ги прави сите напори за да ги исполни Законските обврски и доследно да ги испочитува загарантираните права на странките се со цел да не се компромитира предметот во понатамошниот дел од постапката“, соопштија од Кривичниот суд,

Во случајот се обвинети 37 луѓе и фирми, кои се застапувани од 33 бранители. Не се гони ниту еден вработен во УЈП. Од обвинителството соопштија дека се вршат проверки и на УЈП, која е надлежна за контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па затоа не е опфатена во поднесеното обвинение. Во пожарот на 15 март во кочанската дискотека Пулс загинаа 62 лица, најголем дел од нив млади, а беа повредени над 200.

Можете да прочитате

Меџити: Ова е почеток на мисија за ослободување од стариот корумпиран систем на една партија која ги држеше Албанците во страв и неизвесност

Мицкоски: Од Обвинителството не сум задоволен, сите поврзани со „Пулс“ треба да бидат изнесени пред лицето на правдата

Ладен бран со дожд и пад на температури од четврток