Утрински Весник
Магазин

Тужбата на принцот Хари отвора непријатни прашања

Тужбата на принцот Хари отвора непријатни прашања

Судските документи откриени во најновата тужба на војводата од Сасекс против одредени таблоиди за наводно хакирање на неговиот телефон испратија низа неодговорени прашања.

dobivaj vesti na viber

А тоа не е идеално за кралското семејство, кое најверојатно сака овие денови да бидат мазни како црвен тепих во пресрет на крунисувањето.

На пример, која била целта принцот Хари да открие дека неговиот брат, принцот од Велс, постигнал приватна спогодба со издавачите на „Сан“ и поранешниот „Њуз оф д’ ворлд“?

На некои места – не само на социјалните мрежи – се тврдеше дека тоа е обид да се поткопа принцот Вилијам, а со тоа и поширокото кралско семејство, во време кога тие се надеваа да изградат попозитивно јавно расположение.

Но, тоа не е намерата, според извори блиски до принцот Хари, за кој се вели дека настаните во Високиот суд во Лондон ги следи преку видео врска од САД.

Од перспектива на принцот Хари, причината за откривањето на договорот на принцот Вилијам е чисто одбранбена мерка, „штит, а не меч“, како неопходен доказ за да се спречи групата весници да ги затвори тврдењата на Хари врз основа на тоа дека се застарени.

Додека издавачите, News Group Newspapers, би можеле да кажат дека овие тврдења требало да бидат изнесени пред години, нагласувањето на приватната спогодба на принцот Вилијам во 2020 година, дава доказ дека сè уште, односно неодамна, се воделе преговори и исплати.

Портпаролот на принцот Вилијам одби да коментира за тековниот правен процес. Но, ако во спогодбата била платена „многу голема сума“, според тврдењата, тоа би покренало дополнителни прашања што се случило со парите. На пример, дали отишле во добротворни цели?

Дополнителни прашања отвора уште еден клучен дел од аргументот против отфрлање на овој случај поради застареност – во она што судските документи на принцот Хари го нарекуваат „тајна спогодба“.

Се тврди дека постои договор меѓу официјални лица од палатата и весниците на „Њуз груп“, според кој, случаите во кои е вклучени кралското семејство ќе се решаваат откако ќе се решат другите случаи, за да се избегне срамно појавување во судови или ставање на доказите за хакирање во јавен домен.

Принцот Хари тврди дека не бил известен во врска со ова. „Не само затоа што ќе ме разбеснеше туку и ќе инсистирав да ми биде дозволено да преземам акција, особено со оглед на мојот исклучително тежок однос со печатот во тоа време,“ објаснува тој.

Адвокатите на „Њуз груп њузпејперс“ ги отфрлија тврдењата дека постоел таен договор.

Групата весници, исто така, сугерира дека принцот Хари мора да знаел за извештаите за хакирање во многу порана фаза, бидејќи бил во епицентарот на приказната, и тврди дека можел да дејствува многу порано.

Но, верзијата на настаните на принцот Хари и неговите тврдења дека неговиот татко, кралот, обесхрабрил каква било правна акција од страна на Хари, покренуваат пошироки прашања за печатените медиуми и за кралското семејство.

Можете да прочитате

Еве зошто одењето е поздраво од трчањето

Ангелските души се раѓаат во овие три знаци! На нивната добрина и нема крај

Печурките имаат магично својство! Ја подобруваат меморијата и ја намалуваат анксиозноста