Тутунски комбинат Прилеп, најстарата активна македонска компанија и една од најстарите на Балканот, годинава одбележува голем јубилеј – 150 години постоење. Формиран 1873 година кога бил изграден првиот магацин за тутун во Прилеп од страна на Отоманската управа на монополот, Комбинатот доживеал големи промени, подеми и падови, но успеал да ги помине сите премрежија и да опстои со својата дејност.
ТКП од фoрмирањето се занимавал исклучиво со откуп и обработка на висококвалитетен ориентален тутун од типовите „прилеп“ и негова продажба на познати светски компании. Ова била примарна дејност со децении, односно сé до 1955 година од кога Комбинатот навлегол во бизнисот со производство на цигари.
Потенцијалот на ТКП беше препознат од светскиот гигант во тутунската индустрија Филип Морис Интернешнел (ФМИ) со кого во 2014 година е склучено стратешко партнерство и е формирана заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП) и претставува спој на традицијата и експертизата на двата ентитети. Партнерството со Филип Морис Интернешнл придонесе да се почне со модернизација на производството.
По две децении поминати на листата на најголеми загубари, ТКП за првпат покажа позитивни резултати 2019 година, а со успешна работа продолжи и следните години. Комбинатот ја заврши и претходната, 2022-ра година, со позитивни финансиски резултати од над 2 милиони евра. Ваквите резултати значат дека друштвото ги исполнува планираните параметри, со тенденција да се продолжи со исто темпо и во наредните години.
ПР