Поранешниот министер за надворешни работи на Турција и екс-амбасадор во Обединетите нации, Феридун Синирлиоглу, е избран за генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), јавуваат турските медиуми.
Именувањето беше официјализирано за време на 31-та средба на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ, која се одржа во Малта. Синирлиоглу доби едногласна поддршка од сите 57 земји-членки на организацијата, соопшти порталот „Туркије тудеј“.
Турското Министерство за надворешни работи оцени дека изборот е потврда за активната улога на Турција во глобалната дипломатија и напорите за решавање конфликти. Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, го поздрави именувањето, истакнувајќи дека ова е резултат на силната позиција на Турција во меѓународните односи.
„Изборот на Синирлиоглу ја рефлектира важноста на Турција во глобалните процеси за одржување на мирот и стабилноста. ОБСЕ игра клучна улога во адресирањето на најгорливите светски кризи“, изјави Фидан.
Претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Малта, Јан Борг, исто така ги објави новите назначувања во раководството на организацијата. На својот профил на платформата „Икс“ (поранешен Твитер), Борг изрази честитки за новото раководство.
Во новиот состав на ОБСЕ, покрај Синирлиоглу, Марина Телалијан од Грција ќе ја предводи Канцеларијата за демократски институции и човекови права, Кристоф Камп од Холандија ќе биде висок комесар за национални малцинства, а Јан Брату од Норвешка ќе биде претставник за медиумска слобода.
ОБСЕ останува значајна платформа за одржување на мирот, безбедноста и соработката во Европа и пошироко, особено во услови на глобални предизвици и конфликти.