Утрински Весник
Економија

Турската компанија „Текнопанел“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје – 120 работни места со просечна плата од 600 евра

Турската компанија „Текнопанел“ ќе гради фабрика во ТИРЗ Скопје – 120 работни места со просечна плата од 600 евра

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод новата инвестиција на турската компанија „Текнопанел“ во ТИРЗ Скопје 1. Станува збор за високотехнолошката компанија која ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет за производство на иновативни т.н. „сендвич“ кровни панели кои истовремено нудат топлинска, хидро и звучна изолација, а отпорни се и на пожар, и особено се користат за покривни површини на индустриски згради. Производството ќе започне од следната година, а ќе се отворат 120 нови работни места, со просечна нето плата за вработените од околу 600 евра. Согласно инвестицискиот план, платите континуирано се очекува да растат.

dobivaj vesti na viber

„Текнопанел одбраа да ја донесат својата инвестиција токму тука и ова секако не е случајно. Ние како Влада обезбедуваме можности и предности за инвестирање во Северна Македонија. Најпрво, ова е земја членка на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ, затоа и е стабилен партнер. Поддршката која ја добиваат компаниите од државата во смисла креирање поволни услови за работа, исто така е важен предуслов за растот на инвестиции. И секако, ние тука имаме квалитетни, трудољубиви работници и затоа наш клучен услов се одржливи и добро платени работни места за нашите граѓани. Во ова кризно време, а со цел да се справиме посеопфатно со последиците, по моја насока ние активно делуваме по две линии. Реков дека никој нема да е оставен сам и затоа како одговорна Влада изминатиов период обезбедивме два пакети антикризни мерки за заштита на најранливите граѓани и компаниите во вредност од над 760 милиони евра“, рече Ковачевски и додаде дека во следните два месеци до крајот на годината ќе бидат презентирани уште четири инвестиции.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ, рече дека од еден скромен и отворен разговор во Истанбул со сопственикот на „Текнопанел“, Орхан Кахвеџи денес стигнавме до реална инвестиција од 20 милиони евра и 120 нови работни места со плати над државниот просек.

„Ова е последна од инвестициите кои ги презентиравме периодов и кои веќе надминуваат 620 милиони евра. Истите предвидуваат отворање на 5.000 добро платени работни места за наши сограѓани. Тоа е резултатот од новиот концепт на ТИРЗ и Владата за привлекување инвестиции. Отворени сме, искрени и чесни. Тоа е стратегијата за која прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Нашата стратегија не е ЌЕ туку СЕГА – реални инвестиции и реални работни места. Тоа е она што не прави различни и успешни”, рече Деспотовски.

Орхан Кахвеџи, сопственик на компанијата „Текнопанел“ рече дека оваа нова инвестиција е петти производствен капацитет, а воедно и првата фабрика за производство надвор од Турција.

„ Како прво, ова е центарот на Европа, од каде ќе се извезува производството. Со помош на соработка со компаниите од регионот, квалификувани луѓе, верувам дека ова ќе биде уште една наша успешна приказна. Поддршката и стимулациите на Владата, за нас се исто така многу вредни“, рече Кахвеџи.

Можете да прочитате

Димитров: За 14 % е намален бројот на вработени во текстилниот сектор, најголем пад во изминатите 15 години

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година 

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година