Високиот комесар на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Волкер Турк, вчера изјави дека постојат убедливи индиции дека Израел го користи гладувањето како оружје во војната во Газа, а доколку се докаже таквата намера, тоа би претставувало воено злосторство. Во интервју за Би-Би-Си, Турк посочи дека се појавиле докази дека Израел ја забавува или запира испораката на помош.
Тој ги осуди нападите на Хамас врз израелските цивили и војници на 7 октомври, вклучително и убиства, силувања и земање заложници, но рече дека ниту една страна во војната не треба да избегнува одговорност за своите постапки, вклучително и секој обид да се одбие помошта за луѓето на кои им е потребна во Газа. Според него, фактите зборуваат сами за себе.
„Кога ставате на маса секакви барања кои се неразумни во итен случај… се поставува прашањето, со сите ограничувања што ги гледаме во моментов, дали постои веродостојно тврдење дека гладувањето може да се користи како оружје за војна“, нагласи тој.
Загриженоста за хуманитарната катастрофа во Појасот Газа се продлабочи минатата недела со објавувањето на студија, заедно со серија мапи, графикони и статистики. Тоа поттикна нови предупредувања од сојузниците на Израел дека тој треба да го промени начинот на кој се бори против Хамас за да ги поштеди цивилите од смрт од експлозиви или глад.
Да потсетиме дека Советот за безбедност на ОН во понеделникот усвои резолуција со која бара итен прекин на огнот во Газа за време на светиот исламски месец Рамазан. Додека Хамас го поздрави потегот, Израел го отфрли барањето за прекин на огнот и вети дека ќе продолжи со својата офанзива.