Заменик-министерот за внатрешни работи на Турција Исмаил Катакли изјави дека земјата не била вклучена во инцидентот во кој Грција пронашла 92 илегални мигранти. Мигрантите беа пронајдени во близина на границата со Грција.
„ Бидејќи не можете да најдете ниту еден случај на прекршување на човековите права од страна на Турција, вие само се обидувате да ја разоткриете сликата за сопствената суровост како Турција да го направила тоа“, напиша Катакли на Твитер како одговор на твитот на грчкиот министер за миграција, објави „Ројтерс“.
Катакли, исто така, ја повика Грција да престане со „манипулациите и нечесноста“.
Министерството за цивилна заштита на Грција вчера соопшти дека полицајци на грчката крајбрежна стража, во соработка со припадници на Фронтекс, спасиле 92 мигранти од бреговите на реката Еврос, на североисточната граница со Турција.
Како што наведува „Катимерини“, мигрантите на грчката полиција ѝ рекле дека турските власти со три возила ги пренеле до реката Еврос, а потоа ги натовариле во пластични чамци за да преминат на грчка страна.
Како што се наведува во соопштението на Министерството за цивилна заштита, мигрантите биле пронајдени без облека и опрема и се додава дека Турција „продолжува отворено да ги користи мигрантите како средство за кршење на човековите права и кршење на меѓународното право“.